Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко кој веќе седум години инвестира во ракометните и фудбалскиот клуб Вардар во интервју за неделникот „Фокус“ посочи дека непостои судир на интереси со тоа што инвестира во спортски клубови, а истовремено држи обложувачка компанија (Бет Сити)
„Најголемите бранители на чесноста на спортските мечеви се обложувалниците, бидејќи тие би имале штета од спротивното. Нашата голема обложувачница ‘Бет Сити’ има соработка со УЕФА, ФИФА… и ние пријавуваме сомнителни мечеви. Покрај тоа, треба да знаете дека на македонско првенство не може да ставите повеќе од 500 денари на меч поради нивната вредност. На светски првенства уплатите може да бидат големи, ама таму не постои опасност да се купи некој зашто платите и бенефициите се големи. Во македонското првенство овие суми се мали, ама затоа на македонски мечеви, еве кај мене, максимална сума на уплата е 500 денари. Овој интерес е во главно пет првенства во фудбал, после следат хокеј, тенис, НБА, Евролига, по што сè друго е многу подолу“, додава Самсоненко.
Рускиот бизнисме откри дека инвестирал 100 милиони евра во спортот во Македонија и поради таквите инвестиции, секоја власт во земјава треба да го поддржи.
„Сто милиони евра сум потрошил на спортски екипи во земјава. Сè уште ги финансирам машкиот и женскиот ракометен тим на Вардар и истоимениот фудбалски клуб. Како ќе биде понатаму не зависи само од мене, зашто не сме излезени од финансиската криза. Се разбира јас ќе ги исплатам сите вработени и играчи, кои се апсолутно коректни, а понекогаш херојски се однесуваат во натпреварите. Не е прашање дали сакам или не, многу години финансирам и тешко се издржува, немам толку пари. Секоја година оди сè потешко. Кога по вторпат освоивме титула во Лигата на шампионите, ми беше ветена помош од различни институции во државата и јас уште чекам на таа помош, зашто без неа не би можел да издржам понатаму“, вели Самсоненко.