Граѓаните на Скопје од денеска имаат можност да се рекреираат на првата тартан патека што е оформена околу малото езеро во вториот дел од Градскиот парк, во еден од најживописните делови на паркот. Патеката е наменета за сите граѓани, а не само за професионалните спортисти.
– Од денеска на скопјани им ја ставаме на располагање првата тартан патека на јавен простор, во Градскиот парк околу малото езеро. Патеката има кружна форма, долга е 534 метри и ќе послужи вљубениците во трчањето, оние што трчаат на Скопскиот маратон, но и рекреативците, да ја имаат вистинската подлога за нивната активност. Ако има интерес и увидиме дека граѓаните ја користат, Градот Скопје планира ваква кружна патека да направи и околу големото езеро во Градскиот парк. Оваа патека е сместена на многу атрактивна локација, во еден од најживописните делови од паркот. Внимававме граѓаните патеката да можат да ја користат и во текот на ноќните часови, односно, таа е целосно осветлена – рече градоначалникот Шилегов на денешната промоција на новата тартан патека во Градскиот парк.
Тој ги повика граѓаните да ја искористат оваа можност што ја нуди Градот за рекреација и за поздрав живот и да ја користат оваа патека.