Дадилката која минатата недела претепа двегодишно дете во игротека во Аеродром година и половина работела кај скопското семејство. Таа за својата работа, добивала по 30.000 денари плата.
Мајката на детето во телевизиска изјава кажа дека била најмена преку агенција, поради лошото искуство, кое го имале со претходните дадилки. За инцидентот, мајката дознала од видеото, по што децата сами кажале што се случило. Мајката вели дека сите три деца се трауматизирани и си ги бараат родителите.
– Ја гледав целосната снимка, во игротеката ми ја пуштија. Иако од болка и гнев не можев да ја догледам до крај, видов дека таа го гуши моето дете, ставајќи ја нејзината одвратна рака врз устата и носот на моето дете. Сакам да одговара за обид за убиство, а не само за запуштање и малтетирање. Моето дете не може да спие, постојано плаче. Неколку пати забележував модринки и гребаници кај децата, ама таа секогаш имаше добри изговори. Ми велеше дека паднале, се изгребале, а јас бидејќи се три дечиња и постои веројатност меѓусебно да се изгребат играјќи си, слепо и верував. Се уверував сама себе оти дадилка за која од Агенцијата ми рекоа дека има лиценца, иако не ми ја прикажаа, има искуство. Таа за да ги чува децата земаше по 30.000 денари месечно, не можев да поверувам дека може да ги малтретира – вели мајката за Алфа.