-Мене не ми смета мојата пречка, туку ми сметаат пречките од околината. Ме нервира кога сум спречен да одам негде ако нема рампа или ако нема превоз за мене и родителите мораат да ме носат. До сега бев мал па родителите ми помагаа и ги отстрануваа пречките за мене. Но сакам да пораснам во човек кој ќе биде независен, порача 11-годишниот Јане Велковски, застапник за правата на децата со попреченост на панел дискусијата – „Да не изоставиме ниедно дете: за секое дете, сите права“ на собирот на високо ниво во Генералното собрание на Обединетите нации.
Како што информира денеска Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, тој на собирот што се одржа во рамки на “Триесет години од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето и одбележување на Светскиот ден на детето“ што се одржа на 20 ноември 2019 во седиштето на Обединетите нации рече дека децата како него сигурно исто се чувствуваат, порачувајќи им да бидат упорни и никогаш да не се откажуваат од својот сон.
–Треба да ги рушат бариерите каде што ги има, а да прават добри работи каде што ги нема. А на возрасните сакам да им порачам- треба да направите се за правата на децата, и отстранете ги сите бариери. Да нема дискриминација!“, рече малиот Велковски.
Тој е роден со спинална мускулна атрофија, и поради тоа се движи со количка која, како што рече, ја вика Формула.
-Но, моите родители од мал ме учеа дека можам да правам се што можат и другите, само на поинаков начин. Како што растев – тоа стана и мое правило – да правам се и да уживам во животот. Одам во училиште и имам многу другари. Учам, шетам, играм, но мојата најголема страст е фудбалот. Јас го засакав фудбалот од мал и играм фудбал секогаш кога можам. Тоа ми дава сила и енергија и ме прави среќен. Фудбалот ми помогна да се борам за да добијам терапија, ме поврза со многу славни личности и ме направи голем борец за еднаквост во спортот. Јас верувам дека сите на светот можат да играат фудбал без разлика како играат. Битно е да се еднакви и да се почитуваат, рече Велковски.
Тој, се смета за еднаков со сите, и вели оти така и се однесува, како дека и сите треба така да се однесуваат.