„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите“.
Вака, според Апелациониот суд гласела вчерашната смс порака на обвинителката од Одделот за организиран криминал и корупција – Скопје, Вилма Рускоска, испратена до еден од членовите на Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје кој учествувал во жалбена постапка по повод изјавените жалби на обвинетата Катица Јанева.
Апелациониот суд Скопје, во врска со изнесената содржина на СМС пораката, како и подоцнежен јавен настап на јавниот обвинител со слична содржина во медиумите, недвосмислено изразува став дека тоа претставува директна закана и грубо мешање во работата на судот каде јавното обвинителство е само странка во постапката.
Ваквото постапување на јавен обвинител претставува преседан во правосудниот систем со кое директно се нарушува угледот на судот, како и принципите на уставната поставеност на судската власт и слободното судиско убедување при донесување на судските одлуки, што во секој случај претставува кршење на Уставот, законите и Етичкиот кодексот на јавните обвинители.
Токму ваквото недолично однесување на јавен обвинител кој раководи со Обвинителството за организиран криминал и корупција, истовремено, претставува директно влијание врз текот на водењето на судските постапки и грубо го нарушува принципот на независноста на судството, како многу важен сегмент на владеењето на правото, а токму тоа може да биде пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ, на кое нешто се повикува обвинителката.
За погоренаведеното писмено се известени и надлежните институции, се вели во реакцијата на Апелација.