Како што објави црногорскиот весник „Дан“, швајцарската полиција уапсила двајца државјани на Црна Гора, двајца државјани на Германија и по еден жител на Босна и Херцеговина и Македонија под сомнение дека учествувале во грабеж на златарница во Швајцарија, од каде однеле плен вреден неколку милиони франци.
Швајцарските власти не го откриваат идентитетот на осомничените, само соопштиле дека тие се на возраст од 19 до 53 години и дека меѓу нив има една жена, а тамошните медиуми, повикувајќи се на извори од истрагата наведуваат дека крадците се поврзани со познатата криминална група „Пинк Пантер“.
Групата е осомничена дека ја ограбила златарницата „Губелин“ во Луцерн на 26 октомври околу 8-15 часот наутро. Според полициските извештаи, двајца вооружени разбојници влегле во златарата вооружени со пиштоли и започнале да ги кршат рафтовите на кои имало ставено злато, накит, и рачни часовници, по што ги собрале и сите пари од касата.