Македонката Емилија Лиза Стерјова стана најмлада градоначалничка на општината Вителси (Whittlesea) во австралискиот град Мелбурн во сојузната држава Викторија, објави Светскиот македонски конгрес. Таа за првпат беше избрана за советник во Советот на Општина Вителси во ноември 2016 година и е досега најмлада избрана советничка во Советот на општината.
Од ноември 2017 до ноември 2018 година Емилија Стерјова беше заменик на градоначалникот на општина Вителси. Таа е член на Советот на Фестивалот за народна музика во Вителси, член е на Комитетот на Средното училиште за капелани во Вителси и член на Групата за младинско управување на Вителси. Емилија во моментов е пред дипломирање на студии за право и меѓународни односи во Индонезија.
Инаку, општина Вителси има 197.500 жители, годишно се доселуваат по околу 8.000 нови жители. Општината има Совет од 11 советници кои волонтерски ја вршат советничката функција. Советниците се избираат со мандат од четири години, а градоначалникот го избира Советот од редот на советниците за време од една година.