Морам да признаам дека во мене се помешаа чувствата на гордост и срам, додека го преслушував уште еднаш ланскиот извештај на Еуроњус, посветен на загадувањето во Европа.
– Целиот континент има големи проблеми со загадувањето. Високо на врвот по загаденост на атмосферата се Бугарија, Словачка и Полска, но најалармантно е во Македонија – вели новинарката на Еуроњуз.
Мојата амигдала инстиктивно се израдува на тоа што новинарка од странска телевизија кажа едноставно Македонија, а не Северна Македонија, а „гуштерскиот“ дел од мозокот беше пресреќен и поради тоа што воопшто некој се сетил да објави нешто за нашата земја. Но, само неколку делови од секудата подоцна, колку што е потребно информацијата од амигдалата по невронските влакна да допатува до предниот кортекс почна да ме јаде срам. Да, Македонија во светските медиуми е присутна само кога во неа се води војна или кога маскирани полицајци и криминалци изигруваат разулавена маса во собрание и претепуваат народни пратеници. Следствено на тоа, Македонија е во фокусот на вниманието и кога се пребројуваат последиците од загадувањето, поради што на „стариот континент“ 500 илјади луѓе умираат секоја година.
Ние не знаеме колкава е смртноста во Македонија предизвикана од штетните последици на загадувањето, бидејќи во Македонија статистиката е проблематична категорија. Попис нема со децении, а освен „дуинг бизнис“ листата, другите рангирања се одбегнуваат како небитни.
Но, затоа нашите градоначалници веднаш знаат да одговорат на проблемот. Тука пред се мислам на мојот градоначалник Петар Темелковски, кој е „таткото“ на Општина Кисела Вода, кој излезе со план за разеленување на просторната површина. Не кажа Темелковски колку тоа паркови и тревнати површини се предвидени во општината, но доколку внимателно ја следевте неговата изјава за медиумите, тој посочи дека во Кисела Вода ќе се градат 100 нови згради, но и зелени површини. Поточно, 100 нови згради ќе се градат на она парче земја околу „расадникот“, на кое во моментов има трева и дрвја. Што значи паметниот градоначелник на веќе зелените места ќе дозволи да се градат згради, со се улици и паркинзи, а потоа на некое друго место ќе прави паркови.
Значи по оние 100 и кусур згради во Аеродром, по градежното лудило во Центар, во Карпош, Ѓорче Петров, сега и Кисела Вода ќе добие свој „Менхетн“, но со битна разлика – ќе се проектираат и паркови. Само прво да се бетонизира и единствената преостаната зелена површина во општината, а потоа се тргнува со добро смислениот план.
Преземено од Фејсбук