Зоран Михајлов
Велешани, а и постарите љубители на спортот во Македонија сигурно се сеќаваат на најсестраниот спортист Тодор Мијаков, популарно наречен Кошот. Тој беше еден од најпознатите македонски спортисти во 50-тите и 60-тите години од минатиот век. Со кој спорт да се „фатеше“ секаде беше успешен. Кошот кариерата ја почна во кошарката, па и од неа го доби прекарот – Кош, ја продолжи во фудбалот како голман, потоа во ракометот, одбојката и пинг-понгот.
-Убаво се сеќавам кога почнав како 13-годишно момче да ја уфрлам топката во кошот. Тоа ми причинуваше големо задоволство, па затоа секој ден бев на кошаркарското игралиште заедно со постарите играчи на „Младост“. Екипата се натпреваруваше во најквалитетната македонска лига, а една сезона беше и прва. Сето тоа влијаеше на мене да го засакам овој спорт и како 14-годишно момче, со специјално лекарско уверение да настапувам за првата екипа. Заслуга за мојот брз пробив во светот на кошарката имаше тогашниот тренер Живко Тодоровски, кој истовремено ги тренираше и одбојкарите, па еден период токму поради него и јас заиграв и одбојка…
Мијаков се сеќава на првите настапи, особено на еден натпревар во Струмица. Таму буквално го торпедираше противничкиот кош.
-Верувале или не – таму постигнав дури 41 кош! Тоа за тогашно време беше незамисливо, нешто што беше рамно на сензација. Откако велешките љубители на спортот слушнаа за мојот подвиг во Струмица, веќе следниот ден ми го дадоа прекарот – Кошот, кој го носам до денешен ден. Некои можеби не ми го знаат името и презимето, особено оние помладите, но за Кошот сите знаат – вели Мијаков со посебно задоволство и насмевка на лицето.
За жал векот на кошаркарскиот клуб беше кус, тој се расформира, па спортскиот пат на Мијаков продолжува во другите спортови.
Ракометот во втората половина од 50-сеттите години го доживуваше својот расцут, па бидејќи во Велес кошарката се загуби, а таа беше првиот спорт на Кошот, тој се определува за ракометот. И тука веднаш доаѓаат до израз неговиот талент и квалитети. Но, Мијаков не се задоволува само со тоа. И така, не можејќи во тие младешки години да се реши на кој спорт да му даде приоритет станува и фудбалски голман!
-Тоа беа такви години, кога младите се занимаваа со повеќе спортови. Затоа не беше ни чудно што и јас истовремено, на пример, се занимавав со ракомет и фудбал. Но, некогаш и случајностите ја определуваат судбината. Ова го велам зашто токму една таква случајност ме одведе меѓу стативите. Јас бев ракометар, играв за „Борец“ ,за еден ден да дојдат од фудбалскиот клуб „Керамичар“ и да ме повикаат да застанам на голот, зашто првиот голман се повредил. Ја прифатив поканата и не само што бранев на тој натпревар, туку за еден месец станав и прв голман на тимот! Така почна и мојата фудбалска кариера, но мора да кажам дека паралелно играв и ракомет. Во неделите претладне обично натпреварите беа во 10 часот играв ракомет, а попладне веќе стоев на голот на „ Керамичар“ (цели две години), за подоцна да продолжам во тогашниот градски клуб „Работнички“, денешниот „Борец“. Стигнував насекаде, меѓутоа, повторно во мојот живот се вмешува судбината и така една година посветив само на фудбалот и бев голман на второлигашот „Трепча“ од Косовска Митровица. Имав понуда и од скопски „Вардар“, но јас како млад и неискусен кога отидов на преговори во Скопје, не бев скромен и побарав за тогашни услови поголема сума пари за потпис на договорот, што од секретарот на клубот не беше прифатено. Можеби погрешив, но такво беше времето, па подучен и од повозрасните мислев дека фудбалот „плива“ во пари, побарав повеќе од она реалното. Затоа, откако „Вардар“ испадна како прва опција, заминав во „Трепча“, каде што морам да кажам имав одлични настапи. Можеби поради тоа дојде и понуда од ОФК „Београд“, која исто така не се реализира. Но, овде причината не беа парите и условите, туку ракометот. Во тој период „Борец“, на чело со легендата на македонскиот ракомет Миле Кратовалиев, прерасна во силен колектив дури со амбиции за влез во Првата југословенска лига. Така на почетокот од 60-тите години повеќе се посветувам на ракометот, иако поради потреби на одбојкарскиот клуб, настапував и за него и тоа во Втората лига. И овде нашите амбиции беа големи, па од Вардар беа донесени две засилувања Митровиќ и Божиќ-Цегер. Но откако не успеавме да станеме прволигаши, малку се разочарав и решив во наредниот период да играм само ракомет.
РК „Борец“ во тој период имаше феноменален тим. Покрај Кратовалиев,кој беше и тренер и играч (дојде од единствениот дотогаш прволигаш „Работнички“), во екипата беа голманите Кирков и Гигов, потоа Мијаков, Клинчаров, Васков, Гајдов и двете засилувања Пеце Димитровски од Битола и Славе Атанасовски-Чаве од Скопје. Според имињата, постарите љубители на ракометот сигурно ќе речат дека тоа беше состав за големи подвизи.
-Бевме цврст колектив, во кој другарството беше пред се. Дури и кога беше најтешко, токму тоа дружење не сплотуваше и придонесуваше да ги надминеме сите проблеми, зборува Мијаков, сеќавајќи се на тоа време. Откако станавме прваци на Македонија отидовме на првите квалификации за Првата лига во Риека. Овде не успеавме, во решавачкиот меч загубивме од „Црвенка“. Следните квалификации беа во Лесковац, град со богата ракометна традиција. И овде немавме среќа, а и беше некако нормално домашната „Дубочица“, која имаше би рекол еден репрезентативен состав, да стане прволигаш. Затоа пак третата прилика не ја испуштивме. Квалификациите беа во Велес. Знаевме дека од исходот на овој турнир зависи и натамошната судбина на ракометот во нашиот град. Заигравме во голем стил, ги прегазивме сите противници и станавме прволигаши. Какво беше славјето во градот не можам да опишам. Ракометниот бум го поремети – во позитивна смисла, целокупниот живот. Настана една општа еуфорија. Друга тема за разговор, освен за ракометот, тие денови немаше. Така во натпреварувачката 1967/68 „Борец“ играше во најелитното југословенско друштво. Сезоната ја заврши на 8 место, иако по првиот дел бевме некаде на 4 или 5 позиција. Сепак,ова беше голем успех, зад нас останаа, покрај другите и „Ц. Звезда“ и „Партизан“, кои беа големи имиња во тогашниот југословенски ракомет. Но, како што секогаш бидува кај нас, некои –сакајќи тие да дојдат во прв план, почнаа да роварат, па така и дојде до неочекувана промена на тренерската позиција. Кратовалиев како резултат на тие роварења си замина, а истото тоа го сторија и неколку стандардни првотимци. Така по две прволигашки сезони.наместо да одиме уште погоре на табелата, ние испаднавме! Тоа беше големо разочарување, не само за нас играчите, туку за целиот град, па би рекол и Републиката.
Во убавиот период на клубот, „Борец“ предводен од Мијаков во Кумровец играше и во финалето на југословенскиот куп. Противникот беше пресилен, се работеше за европскиот првак „Партизан“ од Бјеловар, кој во своите редови го имаше еден од најдобрите југословенски ракометари на сите времиња – Хорват. Финалната битка беше загубена, но во историјата на РК „Борец“ останува запишано дека бил финалист во најмасовното клупско ракометно натпреварување.
Тодор Мијаков за да не заборави дека некогаш бил фудбалски голман, пред конечната разделба со спортот, застанува на голот на еден од нашите најпопуларни клубови „ Брегалница“ од Штип. Многумина со сомнение гледаа на неговиот повраток меѓу стативите, но тој со своите одбрани ги разувери сите. Уште еднаш, во таа година мината на голот на „Брегалница“, покажа дека ако се определел само за фудбалот можел да биде врвен голман со блескава кариера. Но, како што вели Мијаков-Кошот, и тоа е судбина.
Ете, таков беше спортскиот пат на најуниверзалниот, не само велешки, туку и македонски спортист. Мијаков, за разлика од некои други личности кои се занимавале со повеќе спортови, можеби беше единствен кој насекаде демонстрираше врвен квалитет. Тоа ретко кој може да го стори, па затоа не е ниту чудно што велешани го прогласија за најуниверзалниот спортист на векот во својот град.
ИСПУШТЕН ВОЗОТ ЗА РИЕКА
На пат за квалификациите за Првата лига во Риека, Мијаков со уште тројца ракометари го испуштиле возот.
-Стигнавме во Белград, па рековме ајде по Балканска улица да одиме до популарната Теразија, малку да се прошетаме и да го „убиеме“ времето. Така, седејќи во бавчата од хотелот Москва се занесовме во разговорот и кога стигнавме на Железничката станица возот веќе го напушташе перонот. Ние ги видовме само рацете од нашите другари кои ни „мафтаа“ од прозорците. Возот замина…
Мијаков со другарите, кои за недисциплината биле „укорени“ од раководството на клубот, сепак стигнале на квалификациите.
РАКОМЕТЕН СУДИЈА
Не можејќи лесно да се раздели од ракометот, кој му донесе толку задоволства, но и непреспиени ноќи, Тодор Мијаков станува ракометен судија. Но, тој беше хендикепиран што од неговиот град немаше друг сојузен судија со кој ќе можеше во тандем да патува и да ги суди натпреварите. Најчесто, тој беше како „приклучок“ на судиите пред се од Скопје, па така има делено правда заедно и со познатите арбитри Шчепановиќ, Неделковски, Мојсовски, Микиќ… Токму немањето друг арбитар од Велес, за да се формира судиски тандем, беше причината Мијаков многу рано да се откаже од делењето правда на ракометните терени.
Лична карта-Тодор Мијаков-Кош
Роден 1938 во Велес
Кариера:Долгогодишен капитен и најдобар играч на РК Борец, фудбалски голман на Керамичар и Работнички од Велес, Трепча од Косовска Митровица и Брегалница од Штип, кошаркар на Младост од Велес, одбојкар и пинг-понгар…
Признанија:Прогласен за најуниверзален спортист на векот на Велес