Да беше Кочо Рацин жив својата генијална збирка на поезија денеска ќе ја дополнеше со ште една стихотворба за онеправданите, угнетените, за оние чие право на протест е укинато.
Би пропеал Коста Солев и од мака, зошто тие не се родени за тие закони ропски. Па би пишал:
Сопственици ли се сопственици
маки големи инвеститорски
Газда биди, роб умри
не е тоа лице директорско, за тој бизнис текстилен.
Можеби и Константин Миладонов да е сè уште меѓу живите, ќе преточеше дел од своите солзи за оние што во неговиот роден крај, таму на Југ, се борат со нечесните ламји, па додека се мачи на Север, веројатно во Шведска, својата болка ќе ја пренесеше на хартија:
Текстилни крилја как да си метнех
во две три шивални ја да прелетнех
и газда текстилен ја да видам
да видам директор, претседателка на кластер да видам.
Добро, нашите големи поети не се повеќе меѓу живите, а малата Македонија едноставно нема доволно луѓе, за да и во нашата епоха изнедри уште еден гениј, кој на адекватен начин би ја опеал маката на првите луѓе во текстилниот сектор во земјава, кои погодени од покачувањето на минималната плата најавуваат штрајк, а како контра мерка бараат зголемување на работното време во нивниот сектор за пола час, бидејќи на работата негативно влијаела паузата, која на општ ужас на сите слободоумни граѓани, била…чекајте да проверам уште еднаш, да била платена.
Пропатените директори во текстилниот сектор до првите луѓе на републикава поднеле и барање за скратување на празниците. Односно, тоа да важи само за нивниот бизнис. Веројатно на никој во оваа земја не му е јасно дека оние крвожедни шивачки не работат за Нова година! Да, а веројатно и никој не знае… чекајте да проверам уште еднаш, токму така, никој не знае дека и празниците им се платени.
Ова угнетување на газдите од текстилниот сектор, секако дека најпластично може да се забележи со платите, што херојски секој месец им се исплатуваат на работниците. Замислете, цели 14.500 денари плата се одвојуваат месечно по глава, иако добро е познато дека истите глави работеле и за 12.000, 10.000 и помалку денари.
Ниту сообраќајниот метеж во нашиот главен град не може да ја задскрие бучавата, која доаѓа од гробот на Васил Главинов, социјалистичката авангарда во Македонија. Неговите коски немирно вртат во круг, неможејќи да се помират со угнетувањето што пред наши очи се случува.
Мојата маленкост само би ја цитирала претседателката на Кластерот за текстил во Македонија, Маријана Перковска, која вели.
– Кај нас не може ништо да се постигне со ефективни седум и пол часа работа. И плус каде, во која земја има 22 празника.
Да бев Коста Рацин или Константин Миладинов ќе напишев:
Текстилот наш насушен, профитот ни е збарушен
Инвеститорот наш поробен, со синџири задушен
Евикасноста минимална, а пола час не е ниту час
22 празника, како 22 бодежи, во грбот кластерски.
Веќе реков дека Македонија е мала и не може и во нашето време да изнедри уште поетски гениј.
преземено од Фејсбук