Еден од најпознатите христијански проповедници и мотивациони говорници Ник Вујичиќ ги сподели своите искуства со граѓаните на Сараево во спортската сала „Ново Сараево“ во Грбавица и испрати пораки и молитви за БиХ.
Ник им рече на новинарите дека е многу благодарен што има можност да биде во Сараево и да зборува за верата, љубовта и надежта.
„Моите предци беа прогонувани заради нивната вера, а моите родители побегнаа од поранешна Југославија. Политиката е комплицирана и не ми се допаѓа, но затоа ги сакам луѓето. Знам дека младите во Сараево не сакаат да живеат во минатото, туку да напредуваат. Потребно е сите да знаат дека минатото не ја обликува нашата иднина. Кога знаеме дека постои надеж и дека имаме цел, тогаш знаеме дека нашата вредност нема никаква врска со она што сме го постигнале и дека не сме ништо посебни ако сме поуспешни. Без разлика дали сме вработени или не, дали имаме раце или не, затоа што начинот на кој Бог нè создал е душа, дух, ум и дури потоа телото. Ние ставаме толку многу акцент на телото и што луѓето мислат за нас, но всушност она што ни треба е светлина и радост во нашата душа. Ова е прекрасна земја, со многу болки, но никогаш не се откажувајте и знаејте дека рајот е вистински“, рече Вујичиќ додавајќи дека младите треба да се држат за надежта и вистинска радост и само тогаш ќе бидат целосни.
„Ако ја изгубите надежта, треба да направите список на работи за кои сте благодарни и луѓето кои ги сакате. Јас и кажувам на мојата сопруга секој ден дека е убава, и купувам цвеќиња и ја водам на вечери. Верата и семејството се двете најважни работи за мене, по што доаѓаат пријателите. Татко ми почина од рак, ми недостасува, но повторно ќе го видам и благодарен сум за тоа. Немам нозе и раце, но имам дом полн со љубов и сум благодарен за тоа.
Ник посочува дека кога бил роден во Австралија, законот не му дозволувал да оди во редовно училиште. Потоа, неговата мајка им пристапи на надлежните органи и праша зошто нејзиниот син не може да оди на училиште и таа доби одговор дека законот е таков, но ќе биде изменет.
„Тоа момче, сега е маж, кој се сретнал со 19 претседатели и премиери на различни земји. Тој им кажува на владите како да им помогнат на децата со посебни потреби да одат на училиште, тоа е прекрасно, јас бев на телевизија каде ме видоа две милијарди луѓе. Ако Бог ве повика, тогаш одите и тој тоа ќе го благослови, без разлика дали сте говорник или некаде чистиш тоалети. Нашата цел во Бога нема ограничувања, Тој нè сака и таа љубов нема граници“, рече Ник.