Американскиот претседател, Доналд Трамп на прес-конференција изјави дека лидерот на т.н. Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади, е мртов. Тој истакна дека операцијата ја извршиле САД со поддршка од Русија и Турција. Нагласи дека долго го барале ел-Багдади и дека неговата ликвидација била еден од најголемите приоритети, јави Си-ен-ен.
„Тој беше болен, злобен и насилен. И сега го нема. Умре како кукавица“, рече Трамп за водачот на ИД и им се заблагодари на Русија и Турција за соработката.
„Тој дојде до крајот на тунелот, нашите кучиња го доведоа таму. Во смрт ги однесе и неговите три деца. Плачеше до крај. Активираше елек со експлозив и телото му е осакатено, а по експлозијата на него се урна тунелот“, сликовито опиша американскиот претседател.
Потрагата по лидерот на ИД се засили во текот на изминатиот месец откако ирачките власти идентификуваа Сириец што учествуваше во преместувањето на семејството на Багдади од Ирак во Сирија. Информацијата беше проследена на ЦИА.
Багдади важеше за симбол на ИД, за беспрекорен идеолог, кој ги избегнуваше светските разузнавачки агенции додека водеше војна. Долго време се сметаше дека човекот за кој се нуди награда од 25 милиони долари се криеше долж ирачко-сириската граница. Тој ја предводеше Исламската држава уште од 2010 година, кога терористичката организација беше огранок на Ал каеда во Ирак.
Инаку, од куќата каде што се криел водачот на ИД не остана речиси ништо. По ноќната акција на американските специјалци, на видеото се гледа дека од куќата каде се криел Абу Бакр ал-Багдади останале само расфрлани камења и цигли.