Не знам дали ќе го добиеме датумот за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија, но тоа воопшто не е ниту битно. Битно ние го сменивме државното име, на Македонија ѝ додадовме „Северна“, го затворивме деценискиот спор со Грција и спремно побаравме членство во ЕУ и НАТО. Но, тоа не било доволно.
Ние го знаевме тоа. Можеби не сите, но тие што требаше да го знаат, го знаеа. Но и покрај тоа продолжија да им веруваат на Хан и Могерини и сличните на нив бриселски емисари, кои ветуваат со децении дека единствениот, ќе повторам единствениот услов за земјава за влез во ЕУ е нерешениот спор со Грција. „Решете вие тоа со името и наши сте“, вака некако завршуваа сите посети на комесарите и амбасадорите испратени од Европската комисија, а ние на крајот и ги послушавме.
Решение за спорот се најде. За некого понижувачко, а за други лошо, но прифатено како нужно зло. Преспа по Охрид стана второто македонско езеро, кое покрај своите природни убавини ќе влезе во аналите и по еден договор, кој од темел ги редефинира внатрешните и меѓународните односи на државата. Тие односи на виделина излегоа веќе за референдумот кој не успеа. Не успеа делумно и поради тоа што немаше попис, а попис нема за да не пропадне коалицијата СДСМ-ДУИ. И тогаш се пронајде фамозно решение, Договорот од Преспа да биде изгласан во парламентот со двотретинско мнозинство, кое беше обезбедено со пуштањето од притвор на Крсто Мукоски и ненадејното европеизирање на неколку пратеници од ВМРО-ДМПНЕ предводени од поранешната министерска за култура Елизабета Канчевска Милевска. Крсто од терорист стана „отворач“ на нашите евроатлански перспективи, а фирмата на неговиот брат интересно доби два „мрсни“ тендери од државата.
Европската Унија има егзистенцијални проблеми кои мора да ги реши, а ако не ги реши ќе престане да постои. Доколку на нас и ни успее да влеземе во ЕУ, може да ни изгледа како да сме влегле во СФР Југославија некаде на крајот од летото во 1990 година. Веднаш по Светското првенство во фудбал. И да повторам, ние будали името го сменивме.
Преземено од Фејсбук