Независниот веб портал 24.hu јавува дека Никола Груевски се стекнал со право да гласа на локалните избори во Унгарија в недела. Тој се наоѓа на Избирачкиот список во петтиот дистрикт на главниот град на државата во која доби азил благодарение на неговиот пријател, премиерот Виктор Орбан, пренесува ЦИВИЛ Медиа.
„Гласач со име Никола Груевски е на Избирачкиот список. Името на гласачот, како и возраста, 49 години, се совпаѓаат со оние на поранешниот македонски премиер кој побегна од затворска казна во Унгарија, каде што му беше одобрен азил“ – се вели во текстот на 24.hu. Според изворите на порталот, овој нов гласач во Избирачкиот список има легитимација од Петтиот дистрикт, но без адреса.
Понатаму, се објавуваат општо познатите информации за неговото владеење и причината поради која тој доби затворска казна, но побегна од земјата со помош на унгарските дипломати, како што се наведува во текстот.