Иако културата, јазикот и традицијата на Македонците од античките времиња се загубени во премрежјата на историјата, сепак претставниците на оваа етничка група успеваат да комуницираат со нас и денес, иако се нели изумрени.
Не, да подвлечам веднаш, не се работи за трансцедетално комуницирање со мртвите со употреба на кристална топка, туку за едноставно комуницирање со припадници на античките Македонци, кои од некоја причина живеат покрај т.н. модерни Македонците, водени од тезата дека сите Македонци се Македонци т.е. антички.
Не е тоа мала група на луѓе, како што некој ќе помисли, ниту, пак, се работи за некакви колоквијално наречени шиљакурани, кои освен што постираат статуси на Фејсбук групи посветени на откривањето на нови докази од „забранетата македонска историја“, која нели Германците дрн, дрн, ја имаат фалсификувано за да ја истакнат Грција, дрн, дрн, и уште еднаш дрн.
Па доколку прочепкате по Фејсбук и сте навистина упорни, тогаш ќе начекате и пример за вистински „манифест“ на Македонците од античка провиненција, со кој се удара во сржта на нашата демократија и се предлага формирање на некакво монархистичко-аристрократско уредување, а најинтересно од сè е тоа што се предлага и да освоиме половина од светот.
– Бидејќи гледам дека крлеживе политички пак го замајуваат народов со некакви си изборни модели за народни пратеници, а 30 години исти манипулации, јас предлагам да си го вратиме некако во употреба системот кој веќе дал и те како добар резултат.
Прво – Одбрана од надворешни влијанија (тогаш од Ахаменидите, како најголем проблем)
Второ – Освојување пола свет.
Трето – Синедрион.
Друго чаре за нас Македонците нема изгледа? Мора вака, по стари тертипи на делување да се раководиме – пишува во „манифестот“, објавен од античкиот Македонец, чие „чистокрвно“ словенско име, но и презиме, нема да го објавам.
Добро. Под точка еден од „манифестот“ се предлага одбрана од надворешните непријатели. Ако во античко време тоа биле Ахаменидите(Персијанците) како најголема светска сила, тогаш тоа денеска се Трампијанидите(Американците). Не треба да се биде паметен, за да се претпостави дека на Македонија ѝ е итно потребна војна со САД. Во ред.
Втората точка се наметнува сама по себе. Значи откако ќе ја нели хм…победиме Америка воено, тогаш треба да освоиме и половина свет. Нешто како од Ванкувер до Токио или од Осло до Јоханесбург. Мислам да не цепидлачиме во моментов.
На крајот се предлага воспоставување на Синедрион, односно советодавно тело кое им се наоѓало на македонските кралеви. Синедрионот во античка Македонија не е претставничко или законодавно тело, туку е избрана група на луѓе која е одбрана од самиот крал. Лесно може да се заклучи дека античките Македонци, иако не експлицитно, бараат воспоставување на монархија во Македонија.
Немам мислење кое е генерално против сето ова, иако би можел да дебатирам. На пример, доколку тргнеме во војна со САД, а потоа и да го освојуваме светот, бидејќи нели „друго чаре за нас Македонците нема изгледа“, дали тоа ќе го правиме со модерно вооружување или ќе тргнеме опремени како фалангисти, па онака машки со копја да ги пробиеме одбрамбените линии на Лондон и Вашингтон. Исто така се мислам кого да избереме за крал? Нормално дека оваа кревка република ќе ја кутнеме за неколку минути, бидејќи нема такви мажи кои ќе застанат пред фалангата, но што потоа? Како се бира крал и дали воопшто кралот се одбира? Со влечење шкорчиња или со играње б’з? Не знам.
Очигледно дека „манифестот“ е добар, но за да државниот удар успее, треба да се доработи. На пример треба да се утврди дали бившата жена на кралот, смее да ја убие актуелната, како што Олимпија наредила во бунар да се удави последната сопруга на Филип, кој е убиен на денот на својата свадба. Или што е со правата на хетеросексуалците во македонската армија, ако добро се знае дека во елитните единици на фалангата, членувале „љубовници“. Не е лошо во „манифестот“ да се образложи и зошто во Синедрионот не треба да има жени и зошто жените треба да си отидат уште во раната фаза на забавата, на која смеат да останат само куртизаните и катаматите? И што ќе се случи со христијаните и муслиманите во Македонија? Ќе треба да конвертираат во паганство или да се иселат? Треба некој да ни каже каква е македонската традиција, а не вака од памет.
Значи треба доправка дечки, тоа е сè.
Преземено од Фејсбук