Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Панкреатитис е состојба кога панкреасот е инфламиран и отечен. Панкреасот е жлезда, долга 15-25 цм, сместена под желудникот, покрај првиот дел на тенкото црево, дуоденумот. Од панкреасот во крвта се лачат хормоните инсулин и глукагон кои го регулираат нивото на шеќер во крвта.
Панкреатичните ензими амилаза, липаза, карбоксипептидаза, трипсин и химотрипсин помагаат во варењето на храната. Нормално, неактивните ензими преку канали се носат и се излачуваат во тенкото црево каде се активираат и помагаат во дигестијата на храната.
Воспалението го предизвикуваат соковите на панкреасот кои содржат силни ензими кои се активираат во самиот панкреас.
Скоро половина пациенти со панкреатитис имаат жолчни каменчиња кои се формираат од вишок на холестерол или билирубин или кога жолчното кесе не се празни соодветно.
Тие може да го затнат каналот преку кој панкреатичните сокови се излачуваат во цревото. Се јавува застој на жолчката и панкретичнитеензими кои влегуваат во крвотокот и во ткивото на панкреасот и го нагризуваат.
Има два типа панкреатитис.
Акутен панкреатитис – панкреасот одеднаш се воспалува. Настанува авто-дигестија на панкреасот, оштетување од сопствените ензими. Состојбата е сериозна, бара итно лекување и хоспитализација. Најчест ризик фактор се жолчни каменчиња.
Хроничен панкреатитис – последица е на рекурентен акутен панкреатитис. Асоциран е со зголемен ризик за панкреатичен карцином. Се јавува рекурентна болка во горен дел на стомакот, проблеми со варењето на храната, дијабетес, загуба на тежина, масна столица (стеатореја) и пролив. Тешка консумација, злоупотреба на алкохол е причина во 90% од случаите. Други причини се холелитијаза, метаболни пореметува ња (хипертриглицеридемија), автоимун панреатитис (асоциран со примарна билијарна цироза, примарен склерозантен холангитис, Сјогренов синдром, Лупус).
Други причини за појава на панкреатитис се пушење, хируршки зафат, абдоминална траума, лекови, цистична фиброза, високо ниво на калциум во крвта.
Симптомите варираат. Абдоминална болка е симптом и на акутен и на хроничен панкреатитис. Кај акутен панкреатитис болката е во горен дел на стомак, во лева половина, под ребрениот лак, зрачи кон грбот, болки во цел стомак, болка која се засилува по внес на храна, мачнина и повраќање. Најчесто се јавува 12 до 24 часа по обилен оброк или голема количина на алкохол.
Може да има и затегнат зид на стомакот, температура, тахикардија. Главна опасност е развој на шок кој може да предизвика смрт.
Кај хроничен панкреатитис болките се тапи, како грчеви, се влошуваат по оброк или внес на алкохол, во горниот дел од стомакот, во средина, може да се шират позади во грбот, можни се мачнина и повраќање.
Постепен губиток на тежината се јавува поради редуциран внес на храна што ја влошува болката, поради малабсорпција кога желудникот не може да ја вари храната соодветно бидејќи панкреасот не ги продуцира потребните ензими за абсорпција на храната во цревата. По третман на панкреатитис потребно е да се прифатат здрави промени во животниот стил и исхраната. Регуларна физичка активност се препорачува, обезноста се поврзува со развој на панкреатитис. Откажување од штетните, нездрави навики, пиење алкохол и пушење цигари го намалуваат ризикот за развој на панкреатитис и други болести воопшто. Да се намалу внесот на шеќери кои предизвикуваат инфламација.
Да не се држат диети со гладување – кога има брз губиток на тежина, како одговор црниот дроб создава повеќе холестерол. Вишокот на холестерол може да се акумулира и да формира жолчни каменчиња кои се ризик фактор за развој на панкреатитис.