Поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Ерик Кантона доаѓа во Скопје, но во улога на актер. Имено, тој ќе учествува во снимањето на филмот „Сирена во Париз“. Сцени од овој филм ќе бидан снимани во Македонија, односно во Битола и во Скопје. Кантона ќе учествува на снимањето во Скопје.
„Продуцентската куќа Сестри и Брат Митевски, како македонски продуцент започна со снимањето на филмот „Сирена во Париз“, белгиско-француско-македонска копродукција, мјузикл и еден од најочекуваните кинематографски настани во Франција, во режија на Матијас Малзју, француска музичка суперѕвезда.
Како дел од актерската екипа е Ерик Кантона, француски актер и поранешен фудбалер на Манчестер Јунајтед, кој ќе дојде на снимањето во Скопје, а во филмот играат и Лабина Митевска, Роман Боранжи, Алексис Михалик, Никола Авине, Лара Бејер и други“, се вели во соопштението од Агенција за филм на Македонија.
Дејството на филмот се случува во Париз. Поради обилните врнежи се случуваат големи поплави на Сена и мистериозни исчезнувања. Една ноќ Гаспар Снег, меланхоличен музичар, е привлечен од волшебен глас на ранета, но убава млада сирена. Решен да ја спаси, Гаспар не знае дека ќе започне со големи авантури, кои преку моќта на љубовта и музиката, може да го поправат неговото скршено срце. Сирената во филмот на секој што ќе се вљуби во неа му го крши срцето и тој умира. Но, Гаспар и онака има скршено срце, па не стравува да се вљуби во неа.