Вчера попладне во Земун загина познатиот српски рапер Далибор Андонов – Гру. Тој беше љубител на ектремните водени спортови, особено на кајтинг, комбинација на сурфање и параглајдеризам врз површината на водата.
Како што очевидец раскажува за српски „Курир“, несреќата се случила многу брзо. Силниот ветер го изненадил раперот и буквално неколку пати го кренал во воздух и го потопил во вода.
„Пет пати во 20 секунди ветрот го крена, па го давеше во вода. Не стигна да се одврзе, готов беше уште тогаш“, раскажува сведокот, додавајќи дека раперот бил одличен возач.
Телото на раперот беше извлечено од водата од страна на неговите пријатели. Тие со часови го чувале додека траел полицискиот увид.
Инаки, пред само две недели Гру даде интервју за порталот „Телеграф“, во кој зборувал за својата љубов кон екстремните спортови и адреналинот.
-Заљубен сум во сноубординг уште од првиот ден кога застанав на даска, далечната 1996 година. Во тоа време би менувал пет летувања за едно зимување. Но, во 2005 година го открива кајтот. Од тогаш не поминува ни ден, а да не погледнам некое видео за кајт или фотографија од летувањето, – раскажувал Гру.
Тој додал дека обожава адреналин и покрај сноубординг и кајт, скокал и од авион и имал и други спортски авантури.
-Пред некој ден зборував со еден другар, кој познаваше еден тип кој загина во несреќа. Не можеш да доживееш несреќа, а да не загинеш,- рекол Гру.