13-годишниот пливач Марко Пејчиновски, кој синоќа се обиде да го преплива т.н. триаголник Охрид – Св. Наум – Струга – Охрид, во должина од 64 километри, беше принуден да се откаже од подвигот. По четири часа и 49 минути во водите на Охридското Езеро и минати 11 километри и 840 метри, Марко поради големи болки во ногата кои траеја еден час, го прекина подвигот кај Градиште.
Потоа преку својата Фејсбук страница тој ѝ се обрати на цела Македонија со многу моќна порака.
„Желбата и волјата се крилја за големи дела. Утре сите заедно да ја дадеме нашата поддршка, да придонесеме за подигнување на свеста за ЛИЦАТА СО РЕТКИ БОЛЕСТИ и да бидеме НИЕ тие што ќе ја направат разликата!, беше објавено, меѓудругото на Фејсбук страницата на малиот херој.
Инаку, Марко на овој сериозен подвиг се реши од хумани причини, односно за да помогне да се подигне јавната свест и грижата за лицата со ретки болести кои секојдневно водат маратонска битка за живот.