Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во писмена изјава, објавена на веб-страната на СЈО, во врска со денешните објавени разговори, повторува дека во интерес на предистрагите и истрагите што се водат во Јавното обвинителство кое го води, повеќе пати разговарала со разни лица, во обид да се издејствуваат подобри позиции во кривичните предмети, а тоа често се случувало да се одвива преку од нив назначени посредници.
– Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник – сведок во една нова предистрага што ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители, посочува во изјавата Јанева.
Таа ги повикува истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет”, за целосно расчистување на овој случај и, како што посочува, обелување на нејзиното име.