Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Калциумот е најчест минерал во телото, есенцијален за исхраната на животните и растенијата. Најзастапен метал е во човечкото тело, главно во коските и забите.
Учествува во многу биохемиски реакции. Важен е за активноста на многу ензими во телото. Главна функција има во изградба и одржување на коските и забите. Калциумот учествува во контрола на мускулните контракции, активноста на срцето и згрутчувањето на крвта (создавање крвен тромб), во ослободување на хормони и невротрансмитери и пренос на сигнали меѓу клетките.
Скоро целиот калциум во телото е складиран во коските. Ако не се внесува доволно со храната, телото го зема од коските за да одржи нормална функција на клетките што води до слабеење на коските. Својот целосен потенцијал за градење на коските го достигнува ако телото има доволно витамин Д кој е есенцијален за абсорција на калциум.
Додатоците на калциум се контраверзни. Додека калциумот и неговите компоненти не се сметаат за токсични, прекумерен внес на калциум како додаток на исхраната се поврзува со формирање на бубрежни каменчиња и калцификација на артериите.
Млечните призводи и зрната се примарни извори на калциум во исхраната, одговорни за околу ¾ од внесот на калциум. Храна богата со калциумː семки, бадеми, чиа семе, сончоглед, сусам, зрна, сирење, јогурт, сурутка, сардини, суви смокви, грав, леќа, брокули, некои лиснати зеленчуци.
Хиперкалцемија е состојба кога нивото на калциум во крвта е повисоко од нормалното. Најчеста причина е зголемена активност на паратироидните жлезди (хиперпаратироидизам). Паратироидните жлезди се четири мали жлезди сместени под тироидната жлезда и го регулираат калциумот во телото.
Други причини за хиперкалцемија сеː
лекарства, литум, тиазидни диуретици
канцер, на града, на бели дробови, на крвта, метастази во коски
саркоидоза, туберкулоза
ексцесивен внес на калциум или витамин Д суплементи
слабост на адреналните жлезди
зголемена активност на тироидната жлезда (хипертироидизам).
Умерена хиперкалецемијата може и да нема знаци и симптоми.
Тешка хиперкалцемија предизвикува гадење, повраќање, жед, констипација, болки во стомак, слабост на коските, мускулна слабост, конфузија, летаргија, депресија, замор.
Ако не се третира хиперкалцемијата може да води до остеопороза, каменчиња во бубрезите, абнормален срцев ритам (палпитации, аритмии), бубрежна слабост.
Причини за хипокалцемија сеː
хронична бубрежна слабост
хипопаратироидизам, намалено лачење на паратироиден хормон, состојба по паратиреоидектомија
малигнитет
рабдомиолиза (распаѓање на мускулите)
ирегуларно ниво на магнезиум и фосфор
акутен панкреатитис
инфекции, септичен шок
недоволен внес на калциум и витамин Д.
Симптмите и знаците зависат од тоа со која брзина се развива. Основните знаци се невролошки и прво се јавува чувство на мравки на прстите на рацете и нозете и околу устата. Мускулни спазми и грчеви, Chvostekov знак, Trousseauov знак, грчеви во стомак и чести нагони за мокрење поради контракции на мазните мускули, парестезии, мускулна слабост, промена на менталната состојба (возбуденост, депресија, замаеност), побавна работа на срцето.
Тетанија (спазам на мускулите на телото кое завзема типична положба) – поради тонично грчење на мускулите за дишење може да доведе до спазам на дишникот, брнхозпазам и престанок на дишење.