Тетоважите се засекогаш. Затоа, прочитајте го ова пред да се истетовирате.
РАЗГЛЕДАЈТЕ ГИ ПРОФИЛИТЕ НА ЛИЦАТА КОИ ТЕТОВИРААТ И НАЈДЕТЕ НЕКОЈ ЧИЈ СТИЛ ВИ СЕ ДОПАЃА
Многу од тату артистите имаат Фејсбук и Инстраграм профили каде ги постираат делата на кои се горди. Ако најдете некој чиј стил ви се допаѓа, а се уште немате идеја што точно сакате, обратете му се и разговарајте со него или неа. Многу од тату артистите имаат полни папки со дизајни кои ги нацртале и би сакале да најдат сопственик. Можеби вашата следна тетоважа или идеја ќе ја најдете токму таму и ќе биде единствена.
ДОБРИТЕ ТЕТОВАЖИ НЕ СЕ ЕВТИНИ, И ЕВТИНИТЕ ТЕТОВАЖИ НЕ СЕ ДОБРИ
Колку една тетоважа чини, зависи од големината, делот од телото каде се тетовирате, самата тетоважа и од цените на самиот артист. Подобро платете повеќе и бидете задоволни, отколку да се ценкате и да го бирате артистот според цената.
ПОСЕТЕТЕ ГО СТУДИОТО ПРЕД ДА СЕ ТЕТОВИРАТЕ
Проверете дали местото изгледа чисто, погледнете какви се претходните тетоважи кои ги изработувал, проверете дали ви се допаѓа односот на самиот артист, а дури потоа договорете средба на која ќе разговарате за сите прашања кои ги имате и цената. Секако проверете и дали артистот ја има целата опрема за стерилизација, со цел да бидете сигурни дека нема да добиете некоја од болестите кои се пренесуваат преку крв.
ДОБРАТА ТЕТОВАЖА ДОАЃА ПРЕКУ ДОБРА КОМУНИКАЦИЈА
Не срамете се. Многу од идеите за тетоважи се раѓаат преку соработка меѓу клиентот и артистот. Кажете му на артистот кои аспекти од вашата идеја не сакате да ги менувате, и во врска со кои сте флексибилни. Исто како на фризер, ако не кажете што сакате нема ни да го добиете тоа. Но за разлика од лошата фризура, лошата тетоважа нема да порасне.
АКО ТЕТОВИРАТЕ ЗБОР(ОВИ), ПРОВЕРЕТЕ ПОВЕЌЕ ПАТИ ВО РЕЧНИК!
Не заборавајте да обрнете внимание на деталите. Сите тие тетоважи со печатни грешки не постојат попусто. Вие и вашиот тату артист сигурно ќе направите неколку промени на скицата во процесот на дефинирање на крајниот избор, а едно од нештата кои морате да ги направите е проверка на правописот откако сте завршиле со дефинирање на сите други детали. Никој не сака да носи печатна грешка до крајот на животот.
ТЕТОВИРАЊЕТО НА РЕБРА, СТАПАЛА И ЗАДНИК НАЈМНОГУ БОЛИ
Ако планирате да се тетовирате на некое од овие места, можеби не е лоша идеја по тетовирањето да се напиете некое апче за болка кое содржи ибопруфен. Всушност, тетовирање каде било боли, па имајте ја оваа опција на ум. Не земајте апчето го пред тетовирањето, тоа може да ја разретчи крвта и да крварите повеќе во процесот на тетовирање.
ДИЗАЈНИТЕ НА ВАШИТЕ РАЦЕ И СТАПАЛА ЌЕ ИЗБЛЕДАТ НАЈБРГУ
Кожата на рацете и на стапала се регенерира побргу, бидејќи ги користиме повеќе на дневно ниво, така што бојата не трае толку долго како на другите места. Имајте го ова на ум.
МОЖЕТЕ ДА СЕ ТЕТОВИРАТЕ НА СЕКОЈ ДЕЛ ОД ТЕЛОТО
Буквално каде и да ви падне на ум, дури и „таму долу“.
НАЈТЕЖОК ДЕЛ ЗА ТЕТОВИРАЊЕ Е МЕСТОТО МЕЃУ РАМЕНИЦИТЕ И НА УСНИТЕ
Тетовирањето на торзото вообичаено бара многу паузи за артистот и клиентот, бидејќи ова место е многу чувствително, и според тоа и болно за тетовирање. Затоа запомнете: дишете длабоко и стиснете заби.
ПРЕД ДА СЕ ТЕТОВИРАТЕ УБАВО НАСПИЈТЕ СЕ, ЈАДЕТЕ ЦЕЛ ОБРОК И НЕ ОДЕТЕ МАМУРНИ
Знаете, овој совет е сличен како оние кои ви ги даваат на училиште пред испит. Потребно ви е многу енергија за да ја издржите болката при тетовирањето, а од алкохолот треба да се држите подалеку бидејќи ја разретчува крвта и може да крварите повеќе за време на процесот на тетовирање.
ЧУВСТВОТО ПРИ ТЕТОВИРАЊЕ НЕ Е ИСТО КАКО КОГА ПРИМАТЕ ИНЈЕКЦИЈА
Ако се плашите од игли, веројатно мислите дека би се плашеле и од тетовирање. Но ако си го замислувате тетовирањето како примање инјекција, или како кога сестрата ви вади крв, не сте ни блиску до вистината. Иглата за тетовирање не оди толку длабоко во кожата како инјекциите, но тоа не значи дека не боли. Реално, чувствувате болка во комбинација со вознемирувачки интензивна вибрација и чувство дека некој ви поминува со игли по кожата. Тоа и се случува.
ГОЛЕМА Е ВЕРОЈАТНОСТА ДЕКА ИНТЕНЗИТЕТОТ НА БОЛКАТА ЌЕ СЕ НАМАЛИ ПО ПРВИТЕ 15-ТИНА МИНУТИ
Во ова време вашиот адреналин ќе се крене и ќе почне да делува, со што болката ќе стане поподнослива. Многу од артистите кога се работи за голема тетоважа ја работат во неколку сесии, па ако има голем дизајн, веројатно прво ќе ги работите контурите, а потоа боите и сенчењето.
ВО ПРОЦЕСОТ НА ЗАЗДРАВУВАЊЕ, ЧУВСТВОТО И ИЗГЛЕДОТ Е СЛИЧЕН КАКО КОГА ИМАТЕ ИЗГОРЕНИЦА ОД СОНЦЕ
Откако тетовирањето ќе заврши, тетоважата ќе изгледа совршено. По неколку дена ќе почне да се суши малку по малку и можно е да се лупи како изгореница од сонце. Можно е и да чувствувате чешање, но многу е важно да не ја чепкате се додека не заздрави правилно. Вашиот тату артист треба да ви даде препораки за како да се грижите за тетоважата во процесот на заздравување. По околу две недели, тетоважата би требало да заздрави целосно доколку правилно сте ја негувале.
ВО ПРОЦЕСОТ НА ЗАЗДРАВУВАЊЕ, ТЕТОВАЖАТА НЕ ТРЕБА ДА ЈА НАВОДЕНУВАТЕ И ИЗЛОЖУВАТЕ НА СОНЦЕ
За една тетоважа целосно да заздрави, треба да поминат околу две недели, и за тоа време држете се до брзите тушеви, избегнувајте капење во бања, базени, езера и слично, со единствена цел: да се заштитите од инфекции. Кога тетоважата целосно ќе заздрави потребно е да користите крем со заштитен фактор засекогаш за да го спречите избледувањето на боите.
ЛАСЕРСКОТО ОТСТРАНУВАЊЕ БОЛИ ПОВЕЌЕ ОД КОЕ БИЛО ТЕТОВИРАЊЕ
Ако не можете да се одлучите каква тетоважа точно сакате, подобро почекајте. Секогаш можете да се тетовирате во иднина. Но ако истетовирате нешто сега, а по 10 години одлучите дека идејата била тотална глупост, единствената болна опција која ќе ја имате е ласерско отстранување, кои боли многу повеќе од самото тетовирање. Згора на се, остава и лузни. Секако, секогаш можете да го покриете дизајнот со друг нов дизајн, но тоа во голема мера зависи од тоа колку оригиналниот дизајн може да се „спаси“.