Д-р Елена Арсова, менаџер на Hair Clinic Beograd (www.hairclinicbalkan.com)
Косата кај секоја жена во текот на годините се негува, но доаѓа период кога планира да забремени, што треба откога ќе забремени, со какви проблеми може да се соочи?
– Жените во тек на бременост можат да уживаат во цврста, сјајна коса полна со волумен. Освен што ќе очекуваат бебенце може да очекуваат и одлична коса. Косата нормално минува низ три фази: фаза на раст, фаза на мирување и фаза на опаѓање. Нормално во текот на денот опаѓаат околу 100 влакна. Во тек на бременост се покачуваат нивоата на естрогени хормони. Естрогените придонесуваат косата да остане во фаза на раст и исто така стимулираат раст на коса, значи го менуваат циклусот на влакното. Косата место да паѓа всушност продолжува да расте. Затоа чувствувате дека косата е погуста. Но исто така одредени истражувања покажаа дека влакното станува подебело во тек на бременост. Кај некои жени се менува и структурата и станува помалку или повеќе виткана. Но, сепак додека сте бремени можете да очекувате полна, гламурозна коса.
Како треба да се храни жената која е бремена за да се спречи опаѓањето на косата или нејзиното мастење?
-Најдобрата исхрана е балансирана која обезбедува доволни количини протеини, јаглехидрати и здрави масти, како и витамини и минерали. Најдобрата исхрана во тек на бременост содржи ист тип на нутритиетни како и здрава исхрана воопштено. Насоките во однос на исхраната и суплементите кои треба да ги зема бремената жена ги препорачува гинекологот. Што се однесува до косата би советувала само да се обрне внимание на витамини Б комплекс, Биотин, витамин Ц, Е и минералот цинк кои се од големо значење за здрава коса. Треба да се јаде многу овошје и зеленчук кои содржат флавоноиди и антиоксиданси кои ќе го заштитат фоликулот и ке го поттикнат растот на косата.
Каков тип на шампони треба да користи додека е бремена жената?
-Кај најголем дел од бремените жени нема потреба да се смени шампонот или маската за коса. Иако би препорачала органски, безсулфатни шампони богати со витамини и минерали. Но, некои трудници, поради намаленото лачење на андрогени хормони, кои ги регулираат лојните жлезди, чувствуваат сувост на скалпот и косата. Во тој случај е потребно да се користи благ и хидратантен шампон кој ќе ја негува косата. Дополнително спреј за хидратација на скалпот и косата ја враќа хидратантната компонента. Спа третман на косата е оптимално решение. Во тек на бременост треба да се внимава доколку трудницата користи одредени шампони или локална терапија која е базирана на кортикостероиди, кои треба да се прекинат. Исто така ако трудницата не толерира одредени мириси на производите за коса тогаш едноставно може да премине на производи без мирис.
Дали косата смее да се фарба во тек на бременост?
-Препорачувам одбегнување на хемиски третмани со фарби, бланш, бразилски кератин барем во тек на првите 3 месеци од бременоста. Во тој период можат да се користат само природни фарби. Реално, преку порите на кожата може да се апсорбираат разни супстанци. Иако има многу малку студии кои ја истражиле врската врска меѓу фарбањето и последици по бебето, сепак би се држела до правилото „што помалку хемикалии тоа подобро“.
Колку трудниците бараат совети кај вас како трихолог и што ги советувате?
-Во текот на бременоста трудниците обично се обраќаат кај нас за совет за квалитетни производи кои би ја истакнале убавината на косата. Поради естрогените хормони косата изгледа одлично. Меѓутоа, одреден процент сепак имаат опаѓање на косата. Тогаш обично губењето на косата е поради витамински или минерален дефицит па негово дополнување е обично доволно за да се стабилизира опаѓањето. Иако во некои случаи се смета дека опаѓањето е само знак на индивидуални варијации на реакцијата на жената на хормоналните промени во тек на бременост. Кај малкуте жени кои се обратиле за совет, во првите 3 месеци од бременоста не препорачуваме никаква терапија. Сепак во тек на бременоста приоритетите се поинакви и опаѓањето на косата не треба да се стави на прво место. Всушност, најголем процент од жените во текот на бременоста имаат подобра густина и квалитет на косата. Би им препорачала да ја искористат убавината на косата и да ја пробаат фризурата од нивните соништа.
Откога ќе се породи жената, се соочува со опаѓање, како што велат дел од жените, топки коса им паѓале, колку тоа е честа појава и што во тој случај?
-И мало опаѓање на косата за секоја жена е вознемирувачко, но она што се случува во периодот на доење знае да биде шокантно. Ова опаѓање се дефинира како телоген ефлувиум и се јавува кај 40-50% од жените. Вообичаеното опаѓање на косата се случува отприлика 3 месеци после породување. Високото ниво на естрогени хормони во текот на бременоста како што претходно објаснив ја одржува косата во фаза на раст и спречува опаѓање. Но после породувањето, хормоните се враќаат во нормално ниво што значи дека и нивната функција на косата се губи. Поради тоа опаѓањето на косата кое било одложено во текот на бременоста сега ќе се манифестира комплетно. Дури 60% од косата која била во таа принудена фаза на раст ќе опадне. Инаку само 10% од косата нормално е во фаза на опаѓање.
Дали губењето на косата е привремено или трајно?
-Токму во пикот на опаѓањето кој е 3-4 месец после породувањето, почнуваат и фоликулите сами по себе да се регенерираат. Тоа значи дека косата спонтано почнува да се обновува. Во моментот кога се забележува најинтензивно опаѓање, всушност почнува растот на косата кај најголем број од жените. Опаѓањето е привремено и косата комплетно се обновува. Меѓутоа, кај одреден процент жени ова опаѓање на косата може да остави трајни последици. Тоа е групата жени кои имаат наследна предиспозиција за губење на косата. Овој ефлувиум кај нив може да биде иницијалниот фактор кој ќе придонесе да се манифестира наследната ќелавост. Кај оние жени пак кои веќе имаат проблем со проретчувањето на косата, телогениот ефлувиум после бременост може да ја влоши состојбата. Кај обете групи препорачувам навремено третирање на опаѓањето за да не се изгуби трајно косата.
Додека го дои бебето, колку често треба да ја мие косата и дали е препорачливо да користи одредени препарати за коса?
-Косата се мие онолку често колку е потребно, кај нормална коса 2-3 пати неделно, кај масна преку еден ден. Во оваа фаза најдобро е да се користат шампони кои имаат лесна формула, шампони за волумен, а не интензивно кондиционирачки. Тие шампони ја прават косата тешка, млитава и без волумен. А во период кога губите многу коса не сакате косата да изгледа освен проретчена и безживотна. Фризурата треба да биде едноставна, кратка, и практична за одржување. Треба да се одбегнува пресилно врзување на косата во опавче или пунџа затоа што може да настане тракциона алопеција поради силното тегнење на влакнтото. Тоа многу мајки несвесно го практицираат затоа што е најлесната опција да се направи брза и пристојна фризура. Но кратка коса, барем до рамена е секогаш подобар избор. Да се одбегнува пречесто користење на топлински апарати како пегла за коса, топли виклери, фигаро итн. Само квалитетна органска козметика за нега на коса.
Освен на жената, од стрес и на мажите, односно татковците, им паѓа косата?
-Бременоста е емоционална фаза за партнерите. Бебе ќе донесе крупни промени во односите на секој пар, дури и пред да се роди . За некои парови овие промени се многу лесни, а за други се потребни поголеми адаптации. Татковците исто така делат многу од искуствата во тек на бремноста-грижата, проблемите, задоволството, радоста и исчекувањето. Иако бременоста е преубава фаза од животот на партнерите сепак бара многу голема одговорност. Понекогаш стресот од таа фаза во животот се одразува и на секако и на сопругот . Ако тој има проблем со опаѓањето на косата, било кој стрес независно дали потекнува од работната или приватната околина може да се одрази со опаѓање на косата.
Опаѓањето претставува голем проблем кај татковците, но исто така им побелува и тоа на млада возраст кога стапуваат во брак и основаат семејство?
-Побелувањето на косата најмногу е генетски детерминирано,што значи дека не треба бракот да го обвинуваме за тоа. Напротив грижата од страна на сопругата помага за подобро општо здравје па и здравјето на косата. Многу често кога има новороденче во фамилијата мажите намалуваат со пушењето цигари заради бебенцето, а научно докажан факт е дека пушењето за 2 пати повеќе го зголемува ризикот од побелување на косата.
Какви совети ќе им дадете на мајките и татковците со цел да имаат здрава и бујна коса?
-Иако животот ке се промени после раѓањето на бебенцето, потребно е да успеете да го организирате времето доволно добро за да можете да се посветите и на бебето, на себе но и еден на друг. Многу често родителите се запоставуваат себеси и своите потреби поради посветеноста на бебето, што до некаде е разирливо. Но сепак најдете време за мали задоволства за разговор со пријателка, за заеднички ручек, за третман на косата…Така ќе имате повеќе енергија да се вратите на секојдневната рутина. Ако опаѓањето на косата се стабилизира во првите 5-6 месеци после породувањето тогаш опуштете се и само негувајте ја косата. Но ако опаѓањето трае подолго и веќе го забележувате проретчувањето на косата, веднаш обратете се за совет кај стручни лица. Само навремениот треман ќе ви ја врати изгубената коса.