Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Зошто тоа се случува и како да се избегне
Зголемување на тежината со секоја наредна година честопати се зема здраво за готово. Но стареењето и порастот на тежина не мора да одат рака под рака. Стареењете автоматски не значи и пораст на тежината. Никогаш не е доцна да се преземе контрола за да се избегне пораст на тежината со годините.
Пораст на тежина со возраста се случува од истите причини како и во секоја друга доба од животот – во прашање е нерамнотежа на калории. Секогаш кога ќе се внесат повеќе калории од тоа што му е потребно на телото и повеќе отколку што ќе се потрошат – вишокот на калории се зачувува. Има неколку причини зошто со возраста се јавува проблем со делот на калории што се согоруваат за да се постигне рамнотежа.
Со возраста метаболизмот се успорува. Со секоја измината деценија, дневното согорување на калории се намалува за околу 150 калории. Метаболизмот во добар дел е одреден од мускулна маса. Мускулното ткиво согорува повеќе калории отколку масното ткиво, а со стареење мускулната маса се намалува. Како се намалува мускулната маса така се намалува и метаболизмот.
Има повеќе причини за губитокот на мускулната маса. Мала маса на мускули неизбежно се губи. Со возраста се намалува способноста на телото за “поправка” на мускулното ткиво. Како што се старее се станува и помалку активен, помалку се вежба. Така се влегува во круг, кога помалку се користат мускулите се губи дел од ова метаболички активно ткиво. Со помалку мускулна маса се намалува дневната потреба од калории. И ако се продолжи со исто јадење, ако не се намали внесот на калории, тие вишок калории кои нема да се искористат ќе се зачуваат. Така се случува бавно и стабилно покачување на тежината.
Друга важна причина за порастот на тежинате е промена на квалитетот на храната, калориите што се внесуваат како луѓето стареат. За да се одржи мускулната маса неопходен е адекватен внес на белковини, протеини. Со стареењето постои тенденција калориите да потекнуваат од шеќери и масти наместо од посни млечни производи и посно месо. За ова придонесува промената во вкусот, финансиите, недостаток на желба или енергија да се подготви оброк и се внесува (нездрава) храна која е лесна за спремање и за јадење.
За да се избегне порастот на тежината кој доаѓа со возраста потребно е
- да се одржува мускулната маса, физичка активност, движење
- да се внесуваат протеини за да ги обноват мускулите; здрава и поевтина опција се растителните извори на протеини – грав, леќа и грашок
- да се јаде сезонско овошје и зеленчук кои имаат многу хранливи состојки, малку калории и се финансиски најприфатлива опција
- да се внимава на калории кои брзо се внесуваат, од алкохол, слатки и масти
- да се внимава на исхраната колку е тоа можно. Јадењето надвор е забавно и лесно но најздраво и најевтино е готвењето дома.