Бојан Јовановски познат како Боки 13 синоќа беше спроведен во истражниот затвор во Шутка каде ќе остане 30 дена. Претходно Зоран Милевски Кичеец исто така доби 30 дена притвор.
Кривичниот суд го прифати предлогот на Обвинителството и им одреди притвор на двајцата осомничени по трите основи кои ги предвидува Законот за кривична постапка, опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување на делото. Двајцата осомничени со полициска придружба беа спроведени во истражниот затвор во Шутка.
Инаку, Јовановски и Милевски вчера без уапсени како осомничени за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 е осомничен и за кривичното дело Перење пари. Двајцата осомничени тргувале со влијание и убедувале луѓе кои се дел од истражна постапка, дека се моќни кај јавен обвинител. Јовановски од лицето под истрага, кое во оваа истрага е сведок, побарал 8 милиони евра, за да се запре кривичната постапка против него. Од сведокот добил 1,5 милиони евра, а останатите побарани пари требало да ги добие на месечни рати.
Обвинителството за организиран криминал синоќа ѝ одзеде мобилен телефон на специјалната обвинителка Катица Јанева, за информации во врска истрагата. Јанева вчера депонираше оставка.