Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Повеќето луѓе со возраста консумираат помалку алкохол. Но, некои продолжуваат со навиката за поголем внес на алкохол, некои развиваат проблеми кои за прв пат им се јавуваат.
Со стареењето може да се јават проблеми кои може да водат до поголема консумација на алкохол за да се избегнат негативните чувства – помали приходи, пореметено здравје, осаменост, губиток на пријатели или членови од семејството.
Но, консумирањето алкохол дури и во нормални количества може да е ризично однесување.
Алкохолот се однесува различно кај постарите отколку кај младите. Се намалува способноста алкохолот да се метаболизира. Со стареењето се менува и телото и способноста за толеранција на алкохол. На алкохолот му треба повеќе време за да се апсорбира.
Мускулната маса се намалува и се заменува со масно ткиво. По внес на иста количина на алкохол постарите луѓе имаат поголема концентрација на алкохол во крвта од младите луѓе. Помалиот волумен на тотална телесна вода допринесува за повисока концентрација на алкохол и поспора елиминација од телото.
Со помалку вода дехидрацијата станува проблем за повозрасните, а алкохолот придонесува за дехидрација и се создадаваат комбинирани проблеми.
Со возраста се продолжува времето на преработка на алкохолот во црниот дроб и се зголемува ризикот од оштетување на црниот дроб.
Телото покажува и други промени поврзани со возраста кои го зголемуваат ризикот од консумирање алкохол.
Видот и слухот може да се намалени, рефлексите успорени. Се продолжува и успорува времето на реагирање и координацијата на движењата, променети се видот и движењата на очите и процесирањето на информациите.
Се јавува вртоглавица, возбуда или интоксицираност дури и по мала количина на алкохол. Пореметената рамнотежата резултира со падови и скршеници (коските не се толку силни и полесно се кршат).
Дури и мала количина на алкохол може да доведе до животно загрозувачки ситуации. Постарите полесно се чуствуваат “возбудени” без да се зголеми количината на алкохол. Алкохолот влијае на проценката, координацијата и времето на реакција. Почесто се јавуваат автомобилски несреќи, самоубиства, пожари. Жените се поосетливи од мажите.
Постарите земаат повеќе лекови и нивно мешање со алкохол може да е сериозно опасно дури и фатално.
Лекарства кои може да реагираат со алкохолот сеː анксиолитици, антибиотици, антидепресанти, лекови за дијабетес, антихистаминици, лекови за разретчување на крвта, аспирин.
Консумирање на алкохол со тек на време води до здравствени проблеми:
- оштетување на црн дроб (цироза), пореметување на имуниот систем, оштетување на мозокот, канцер
- остеопороза, дијабетес тип 2, висок крвен притисок, конгестивна срцева слабост, промени на крвните садови, срцев и мозочен удар, улкуси
- губиток на помнење и пореметено расположение, заборавност, губиток на меморијата, летаргија, конфузност, депресија, биполарно пореметување.
- варијации во тежината
- изолираност од пријателите и семејството
- намалена сигурност.
Со употребата на алкохол може да се јават краткотрајни губитоци на меморијата,” бели петна”. Со тек на време алкохолот го оштетува мозокот, моторните функции и способноста за помнење. Процесот на ментален губиток и губитокот на помнење се јавува побрзо и порано во возраста. Се јавува дефицит на тиамин, витамин Б што води до енцефалопатија, промени во меморијата и психата,
Алкохолот влијае и на односите со членови од фамилијата, пријатели, колеги, води до запоставување, насилство.