Тамара Тодевска ги откажа концертите во Охрид и во Прилеп. На својот фејсбук профил објави дека го направила тоа во интерес на смирување на целата ситуација која излегла од контрола, по ненамерната грешка при пеењето на химната, на приемот во Американската амбасада, пред два дена во Скопје.
“Очигледната ненамерна грешка при пеењето на химната прерасна во вистински пекол за мене и моето семејство. Со оглед на тоа што не сакам да придонесувам за зголемување на нашата агонија како семејство и во интерес на смирување на целата ситуација која излезе вон контрола, решив да ги откажам концертите во Прилеп и Охрид. Се надевам дека оваа моја грешка, повторувам грешка, ќе успеете да ја надминете и дека ќе најдете начин да разберете дека е повеќе од ненамерна. Би сакала да се заблагодарам на сите што беа покрај мене во овие тешки мигови. Ниту сум била ниту ќе бидам дел од нечии политички игри, моето семејство е мој број еден приоритет и нивниот мир е на прво место при секој избор“, напиша Тамара.
Пејачката имаше закажано концерт во Античкиот театар во Охрид на 27 јули, а требаше да настапи и на „Пиво Фест“ во Прилеп, на 3 јули.