Пропустот со македонската химна на пејачката Тамара Тодевска и нејзиното извинување крена голема прашина во македонската јавност, а особено на социјалните мрежи. Дел од корисниците на социјалните мрежи ја бранат и сметаат дека не требала воопшто да се извинува, додека други сметаат дека извинувањето не е доволно, а сопственичката на радио Кавадарци, Трајанка Ѓорчева Митрова најави дека повеќе на нејзината програм нема да одат песни од Тамара.
– Сите песни што ги испеала Тамара Тодевска ненамерно се избришаа од архивата на Радио Кавадарци. Затоа им се извинуваме на нејзините фанови доколку се уште ги има, што поради оваа ненамерна грешка нема да бидат емитувани на програмата на Радио Кавадарци – наведено е во соопштението на официјалната страница на Радио Кавадарци.
Ненамерна грешка и пропуст, вака премиерот Зоран Заев денеска го оцени интонирањето на македонската химна од страна на Тамара.
– Се случуваат пропусти. Секако, нашата химна се пее секој ден, насекаде. Апсолутно, тоа само потврдува дека се работи за ненамерна грешка и пропуст за кој се извинија самите организатори, но и изведувачот, изјави Заев.
-САД имаат длабока почит кон традициите, историјата, хероите и иднината на нашиот пријател, партнер и сојузник Северна Македонија. Им благодариме на нашите пријатели и колеги за славењето на нашата независност со нас минатата ноќ. Ние разбираме дека грешките може ненамерно да се случат во емотивни моменти, но им се заблагодаруваме на нашите пејачи за нивните прекрасни изведби“, гласи соопштението на американската амбасада.
Со свое видување на Твитер се јави и професорката Гордана Силјановска Давкова, која беше претседателски кандидат на последните претседателски избори.
Време е да ставиме крај, пред законите нема извини! Одговорност мора да има!, – напиша таа на Твитер.
Интересно е што Тамара и на Градскиот стадион во 2013 година, на фудбалскиот натпревар помеѓу Македонија и Белгија ја испеа истата верзија на химната. Пејачката тогаш изјави дека не го згрешила текстот, туку во интерес на времето ја испеала пократката верзија.