Милосављев, Гедбан, Стоилов, Кристопанс, Поповски, Фереира, Дисингер, Карачиќ, Скубе, Калараш, Чупиќ, Дибиров, Горбок, Шишкарев, Војводиќ, и Кисељев, се македонските ракометни херои.
Ракометарите на Вардар повторно се искачија на врвот на европскиот клупски ракомет. Втора титула изборена против ракометна гиганти како што се Барселона и Веспрем. Ако вчера против Барса беше ракометна рапсодија, денеска против Веспрем беше ракометен час за Унгарците.
Избраниците на Парондо бодрени од над 1.000 свои навивачи во Ланксес Арената во Келн го совладаа Веспрем со 27:24 (16:11) и го повторија успехот од пред две години кога исто така беа европски шампиони. Вардарци одиграа одлични 60 минути. Вистински кошмар за одбраната на Веспрем беа брзите вардарови играчи. Одличен на голот беше Дејан Милосављев, а одличен настап имаа и Карачиќ, Дибиров, Стоилов, Мораеш и Кристопанс.
Со оваа втора титула заврши трофејната ракометна ера на Вардар. Речиси сите ракометари со исписници во раце веќе најдоа или бараат нови клубови. Но, секако очекуваме и новиот Вардар да им ги расипе сметките на ракометните гиганти. Но, сега е време за славење со европските ракометни шампиони.