Ангела Ѓ.( 22) од Ѓорче Петров „му пресудила“ на својот пријател Пинета Секондо (26) кој бил застрелан во главата од Ф.А. (27) на 11 декември 2018 година, истиот ден кога убиениот бил пријавен за исчезнат. Кои се мотивите за убиството засега се непознати, а забуна создава и информацијата од Обвинителството дека е издадена наредба за спроведување истражна постапка само против егзекуторот, но не и против Ангела на која МВР ѝ поднесе кривична пријава за убиство.
Дека Ангела е вмешана во убиството постојано обвинуваше мајката на Пино, Маја Трпковска, според која, нејзиниот син вечерта на 10 декември заминал во Ѓорче Петров да се види со пријателката. Која била целта на посетата засега не е познато, иако според најблиските на Пино, Ангела вечерта му се јавила и побарала да дојде кај неа. Тој рекол дека „не знае зошто го бара“, но заминал, иако не бил волен. Тоа било неговото последно заминување од домот.
„Девојката Ангела ме пријави во полиција бидејќи сум и досаѓала на телефон. Па нормално дека ќе ја барам, јас си го барам детето. Она нон стоп истото го вели, се виделе, стоеле пред зграда кај нејзе и Пино и рекол „уморен сум и ќе си одам дома“. Значи од местото ние каде што живееме, да стасаш до Ѓорче Петров има 30 километри и по 15 минути веднаш да си заминеш од таму. Според мене, таа го има измамено син ми за да дојде итно кај неа. Ние не ја познавме девојката. Таа го има излажано да оди во Ѓорче, рече Маја за 24 Инфо пред три месеци.
Според Маја, последен пат Пино е снимен на камерата што е на излезот од Скопје околу 22.40 часот, кај клучката за обиколницата во Сарај каде што завртел со автомобилот „шкода“ за да си оди дома. Автомобилот бил снимен од камерите, но не е познато дали Пино го возел или некој друг, или, пак во него имало повеќе лица. Од извештајот на ОЈО, не е познато што се случило со „шкодата“ на Пино.
Според Обвинителството, на 11 декември околу 2 часот, откако претходно се сретнал со Пино, убиецот со автомобил „Опел Аскона“ пристигнале во атарот на село Арачиново во Скопје. Осомничениот извадил пушка и го застрелал Пино во главата. По убиството, во обид да се скријат трагите, според ОЈО; телото било однесено во местото викано Башинец над село Љуботен, но не прецизираат дали убиецот тоа го направил сам. Таму трупот бил оставен во дупка и покриен со ќебе. Веднаш потоа Ф.А. избегал и е недостапен за органите на прогонот.
Според извори во истрагата, полицијата претходно ја испрашувала Ангела која била подложена на полиграфско тестирање, но детекторот не ја фатил девојката во лага.
извор: 24инфо.мк