По големиот успех на македонската претставничка на Евросонг, Тамара Тодевска, многу медиуми пишуваат за неа, нејзината убава песна, но и за убавиот фустан што го носеше.Македонскиот моден дизајнер Александар Ношпал зборува за хрватска „Дива“ за креативниот процес кој е позади овој, сега веќе култен фустан.
– Ова е 4. пат како изработувам костими за претставникот на Македонија на Евросонг. Првиот пат учествував во 2000. година со групата ХХЛ, па 2002. со Каролина Гочева и 2004. со Тоше Проески. Соработката со Тамара не е случајна, бидејќи приватно сме многу блиски. Таа ми е како помала сестра и ги изработував костимите за најважните мигови во нејзиниот живот. Кога Македонската телевизија ја повика да ја претставува Македонија на Евросонг, таа веднаш ме повика да ѝ изработам фустан. Морав да најдам време сето тоа да го вклопам бидејќи агендата ми е доста набиена, работам костимографии во Европа. И го видовте резултатот – вели Александар.
Фустанот на Тамара е создаден во соработка со две тв режисерки од Шведска кои Македонската телевизија ги ангажирала за овогодинешниот настап: Марија Форсмар Рибергер и Тина Матулеси.
– Швеѓанките инсистираа на одредени бои, а јас дадов некои предлози, па на крајот решивме бојата да биде смарагдно зелена поради симболизација на душевниот мир, хармонија, повторно раѓање и надеж. Инаку, песната зборува за борбата со постпородилна депресија – нагласува Александар.
– Што се однесува на формата, фустанот требаше да биде скулптурален, бидејќи Тамара беше сама на сцената. Детал на кој инсистираа е грбот, каде ставив сребрен патент што ја издолжува линијата и ја нагласува формата. Фустанот го изработував сам, а позади него се 700 работни часови. Пристапот беше како во француската висока мода, што инаку е моја специјализација. Имено, јас ја завршив Париската школа ЕСМОД и работев во модната куќа Мадаме ГРЕС – додава Ношпал.