Зоран Михајлов
– Георгиевски имаше богата падобранска кариера заокружена со четири светски рекорди и две учества на Светските првенства.
-Неговите доживувања се како највозбудлива филмска сторија
Малкумина знаат дека во минатото падобранскиот спорт имаше голем број приврзеници.Тој, особено меѓу младите беше многу популарен, а во Македонија имаше неколку центри во кои се обучуваа падобранците и се подготвуваа за настапите на државните и на меѓународните првенства.Некои од нив тоа го правеа од желба да ја почувствуваат возбудата,други одеа многу подалеку – да се усовршат и да постигнуваат врвни спортски резултати.Еден од овие вторите беше и популарниот Димитар Георгиевски-Жути.
ПОЧЕТОК КАКО ВО СОН
-Скокај, што чекаш … беа зборовите на пилотот Аки Ибраимовски, кои одвај ги слушав од бучавата што доаѓаше од моторот на двокрилениот авион, кој леташе над стариот скопски аеродромот. Бев малку збунет, знаев само дека треба да скокам. Нема бегање, ова е вистинскиот момент, си помислив и веќе бев во воздухот. Куполата од падобранот автоматски се отвори. Не можев да верувам, возбудата беше голема, ни самиот не бев ссвесен дека го изведов првиот падобрански скок! Се се одвиваше молневито, како во сон, под мене го гледав Скопје, го видов и моето маало, зарем ова е можно, се сеќава на тој 8 мај 1952 година, Димитар Георгиевски- Жути, човекот кој повеќе од 22 години ја испишуваше историјата на овој атрактивен, но и опасен- спорт на храбрите.
Интересна е натамошната приказна на Георгиевски, кој меѓу другото беше учесник на две Светски првенства, а беше сопственик на 4-ри светски рекорди изведени со своите другари во скокови на цел. Се сеќава и тажно раскажува за несреќниот крај и загинувањето на една наша падобранка во Охрид, потоа на настапот на државното првенство во Кралево – со скршена нога (!) , на спасувањето како на филм на еден свој другар – падобранец. Тука се надоврзуваат и доживувањата за време школувањето во Воздухопловната академија во Вршац, моторното пилотирање, летањето со едрилица и многу други нешта. Со еден збор – живот полн со возбуда и ризици, кои беа составен дел на неговиот спортски и професионален век.
ДВА НЕЗАБОРАВНИ СКОКА
Се враќаме повторно на она најинтерсното од кариерата на нашиот спортски корифеј. Со оглед на опасностите што ги носи овој спорт, нормално тука има многу повеќе доживувања кои вечно се вткајуваат во меморијата на актерот. Георгиевски тешко можеше да се реши ,што би избрал од мноштвото доживувања. Ги имаше многу, сепак покрај првиот скок во кој ја виде и панорамата на Скопје и посебно своето маало, се определи за два скока: едниот за да го одбрани својот учител и вториот кога скокал со скршен нога!
-Загинувањето на една наша падобранка на натпреварот во Охрид можеше да значи крај на кариерата и кривична одговорност за мојот учител Аки Ибраимовски. Мораше да се докаже дека не беше направена грешка во подготовката на падобранот, за што како инструктор беше тој одговорен. Со ист падобран се нафатив јас да скокам пред истражната комисија , за да се докаже дека со куполата и со помошниот падобран е се во ред. Се чувствував непријатно, нешто ме притискаше. Но, откако се вивнав во воздухот тремата за час помина. Падобранот одлично функционираше, се докажа дека нема никаква вина кај мојот учител, туку причина за несреќата беше човечкиот фактор.
Втората скокачка епизода е поврзана со настапот на државното првенство во Кралево. Имено на тренингот, еден ден пред официјалните скокови, Георгиевски се здобил со скршеница на ногата, за која знаеле само неговите клупски другари. Доколку информацијата стигнеше до жирито, нема да ми беше дозволен настап, раскажува Георгиевски. Ги стиснав забите и благодарејќи на моите скокови Македонија екипно беше трета , а јас петти. Нада Ицева, нашата прославена шампионка не можеше да поверува дека со таква повреда, ете, постигнав врвен резултат. Сега кога ќе помислам на каков ризик и на какви опасности сум се изложувал затреперувам.Но,како што вели народот –младост,лудост…
УШТЕ ЕДНА ВОЗДУШНА ДРАМА
Скоковите со падобран во минатото беа многу потешки,зашто од технички аспект не го имаа достигнато денешното ниво, па често можеше да дојде и до несакани случаи.
Популарниот Жути кој секогаш се наоѓаше на вистинското место, се сеќава и на една незаборавна драма што се случуваше во воздухот над кумановскиот аеродром.
-За време обуката, кога падобранците еден по еден, според однапред уртврдениот распоред скокаа од авионот во воздухот, во еден миг забележав дека еден падобранец со поголема брзина од вообичаената паѓа токму над мене. Почувствував дека нешто не е во ред, дека нешто се случува. Го вперив погледот кон него , а кога ми се приближи и веќе беше крај мене бев подготвен брзо да реагирам. Го фатив падобранот за куполата, која не беше комплетно отворена и го повлеков помладиот колега кон мене. Така двајцата со нешто поголема брзина почнавме да паѓаме кон земјата. Кога дојдовме над целта – за да не се доведема двајцата во опасност, го пуштив и тој падна без да биде повреден. Исто така и јас безбедно атерирав. Инаку, среќниот падобранец, кој заврши во мојата прегратка живее во Белгија. Одвреме-навреме се слушаме и се потсетуваме на тој драматичен миг над кумановскиот аеродром.
Димитар Георгиевски-Жути има уште многу доживувања. Се сеќава на скоковите на Градскиот плоштад изведени по повод Први мај и на Градскиот стадион во Скопје пред дуелите на Вардар .Тој или некој од колегите-падобранци често се случувало тие да го донесат фудбалот со кој подоцна се играл натпреварот.
– Голема возбуда носеа и скоковите во Охридското езеро за време традиционалниот пливачки маратон. При еден скок овде, откако потонав во водата ми се сплеткаа јажината од падобранот и одвај успеав да испливам на површината. Гледачите останаа без здив…
Ова беа неколку епизоди од богатата кариера на Димитар Георгиевски-Жути, еден од најдобрите македонски падобранци и моторни пилоти, човек кој покрај многуте постигнувања заедно со другите македонски репрезентативци се запиша и во списокот на светските рекордери. За една мала земја како нашата, тоа е голема работа,тоа е подвиг кој не смее да се заборави.