Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Бубрежна слабост, бубрежна инсуфициенција е медицинска состојба на оштетена бубрежна функција кога бубрезите не можат адекватно да ги филтрираат метаболните отпадни продукти од крвта. Бубрезите недоволно работат.
Акутна бубрежна слабост, акутна бубрежна болест, АББ е нагло настанато слабеење или престанок на една и/или повеќе функции на бубрезите – тие престануваат да излачуваат урина, не ги отстрануваат штетните материи од крвта и престануваат да ја регулираат киселоста на крвта и електролитите. Последица е намалување или комплетен престанок на мокрење, пораст на креатинот, калиумот и киселините во крвта.
Подложни на развој на акутна бубрежна слабост се болни од сепса, со тешки повреди, труења, со изгореници, бoлни по големи кардиохируршки операции, во кардиоциркулаторен шок , во терминална фаза на некоја болест, болни со проливи, повраќања и други големи губитоци на течности.
Три можни причини има за нагла бубрежна слабост: 1. Намалена циркулација на крв низ бубрезите; 2. Болести на самите бубрези и 3. Стоп на исфрлање на урината.
Ако причините се надвор од бубрезите тогаш тоа се екстраренални или преренални. Ако се причина самите бубрези тоа е вистинска ренална слабост. Ако причините се пречка во истекувањето на урината тоа е постренална бубрежна слабост.
Преренални причини – најчести, 55%. Најчесто е тоа намален дотур на крв во бубрезите поради крварење (повреда, операција), нагол пад на крвниот притисок, шок, срцева или слабост на црниот дроб, губиток на течности од телото (повраќање, проливи, препотувње, изгореници, диуретици). Намалениот дотур на крв ја пореметува работата на бубрезите, количината на урина се намалува и расте вредноста на креатинин во крвта.
Ренални причини се болести на бубрезите: воспаленија на бубрезите (гломерулонефритис, пиелонефритис), васкулитиси (воспаленија на крвните садови), оштетувања на бубрезите предизвикани од лекови, хемикалии, наркотици. Гломерулонефритиси се воспаленија на ткивото на бубрезите , гломерулите, нефроните каде се врши филтрацијата на крвта. Гломерулонефритисите се имунолошки заболувања, може да се дел од системски болести. Пиелонефритиси се воспаленија на одводните канали: бубрежните чашки, бубрежното легенче и околното ткиво и се инфекции од бактерии
АББ настанува и поради Акутна тубуларна некроза, распаѓање на клетките на бубрежните каналчиња поради исхемија (недостаток на кислород), лекови, затнување од супстанци – контрастните средства, вишок на пигменти (хемоглобин при каснување од змија, миоглобин при краш синдром), сепса, труења, распад на клетки на тумор, парапротеини, калциум, кристали на урична киселина, оксалати.
Постренални причини – најретки се, 5%; тоа се оние кои прават застој во истекувањето на урината – каменчиња, крвни тромби, тумор, гној, оток, притисок или хируршко подврзување на мочните канали (при грешка, при отстранување на јајник или матка), нефункционирање на нервите кои го регулираат празнењето на бешиката.
Најчести прични се пререналните причини и акутната тубуларна некроза.
АББ настанува поради промена на протокот на крв, недостаток на кислород, исхемија, оксидативни оштетувања на ткивото, влијание на посредниците на воспалителните реакции, пореметена коагулација, дисфункција на ендотелот, апоптоза/некроза, опструкција на бубрежните каналчиња.
Најчестите тегоби се: намалено мокрење или комплетен престанок за 24 часа (анурија); крв во урината, црвена боја, како кока-кола; отоци, околу скокалните зглобови, очи, на лице, потколеници, стопала; дехидратација (сува кожа и слузокожи, низок крвен притисок, сув и обложен јазик, забрзан пулс); поспаност, умор; губиток на апетит, повраќање; покачен или намален крвен притисок; дезориентираност, конфузно однесување; грчеви во мускулите, епи напади.
Ултразвукот е корисен за утврдување на состојбата со бубрезите и да се види дали пости блокада на истекувањето на урината. Ако не може да се открие причината за АББ потребно е да се направи и биопсија на бубрег.
Најчеста компликации на АББ се инфекциите кои се водечка причина за смртност бидејќи секогаш се работи за болнички врсти на бактерии.
Во 15% случаеви АББ е привремена, во 60% случаи болните умираат поради некоја друга болест или компликација, во 15% случаи акутната слабост минува во хронична бубрежна слабост.
Со стареење на популацијата и изложеноста на нефротоксични агенси бројот на пациенти со АББ се зголемува. Затоа треба да се избегнуваат нефротоксични лекови, особено кај постарата популација.