Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Тинитусот има значајно влијание на квалитетот на животот. Најчесто луѓето кои страдаат од зуење во ушите, чувствуваат замор, стрес, проблеми со спиењето, отежната способност за концентрација, проблеми со помнењето, депресија, страв и раздраливост.
Третирањето на овие компликации нема да го ослабе или излечи зуењето, но во секој случај ќе го подобри квалитетот на живеењето.
Едукацијата на пациентите, запознавањето со можните причини настанување на тинитус и разбирање на состојбата некогаш може да помогне полесно поднесување на тинитусот.
Превенција
Во голем број од случаите, тинитусот е резултат на промени кои не можат да се превенираат и од кој нема соодветна заштита. Но во некои случаи може да се преземат мерки.
Користење за заштита за ушите. Долгогодишно работење во бука е една од причините за оштетување на слушните рецептори што може да резултира со тинитус. Затоа работниците кои се изложени на бука, работат со бучни машини, моторни пили, оружје, гласна музика, секогаш треба да носат заштита за ушите.
Намалување на јачината на звукот. Тие што се бават со музика и постојано слушаат гласна музика со слушалки, можат исто така да претрпат оштетување на слушните рецептори.
Грижа за кардиоваскуларниот систем. Потребно е редовно вежбање како и правилна исхрана. Доколку имате покачен крвен притисок користете ја правилно дадената терапија од вашиот лекар.
Дијагноза
Прегледот на почеток го прави матичниот лекар, а потоа и специјалистот по оториноларингологија.
Специјалистичкиот преглед се состои од:
Основен преглед на уво, нос и грло. Важно е на докторот да му дадете правилен опис на звукот кој го чувствувате (свирење, бучење, пиштење, шуштење, зуење и слично. Тоа може да помогне при поставување на дијагнозата.
Тестови испитување на слухот, аудиометрија и тимпанометрија. Овој тест може да ја открие можната причина за тинитус.
Магнетна резонанца или компјутерска томографија.
Во многу случаи причината за тинитус не може да се открие. Докторот, во тој случај, ќе ве посоветува што треба да превземете за да се ублажи јачината на тинтитусот и како полесно да се справите со состојбата.
Третман
Прво што вашиот лекар ќе направи е третирање на состојба која може да е поврзана со настанокот на тинитусот или лекување на болеста која може да го предизвика. На пример отстранување на ушната маст, третман на состојбата на крвните садови или промена на лековите кои, како нуспојава, можат да дадат зуење во ушите
Супресија или “покривање“ на шумот
Бел шум е шум предизвикан од апарат. Тој го “покрива“ тинитусот и во некои случаи може да помогне во ослабување јачината. Се користат разни направи. Постојат специјални апарати кои произведуваат звуци како океански бранови или дожд, со кои се надјачува тинитусот. Таков ефект може да направат и некои домашни апарати кои секојдневно се употребуваат како климатизери, вентилатори, навлажнувачи на воздух и компјутери или други апарати кои прават лесна бука.
Слушни апаратчиња се ефикасни доколку тинитусот е поврзан и со загуба на слухот. Постојат и апаратчиња за маскирање на шумот. Изгледаат исто како слушните апарати, се ставаат во увото и произведуваат звук со слаба јачина кој го спуримира тинитусот.
Лекови
Лековите не можат да го го излекуваат тинитусот, но во некои случаи можат да ја намалат тежината на симптомите или компликациите.
Лекови кои се употребуваат во третман на тинитус се: лекови кои ја подобруваат периферната циркулација, витамини
минерали, антидепресиви.
Најчесто тинитусот не може да се излекува. Некои од пациентите се навикнуваат, па се послабо го забележуваат. Многу луѓе кои страдаат од тинитус се обидуваат да прилагодат некои животни навики.
-Треба да се избегнуваат можните иританси. Треба да се избегнува изложеност на гласна бука, претерано користење на тутун и кафе, како и намалена употреба на алкохол.
-Некои пациенти го маскираат шумот така што вклучуваат тивка музика, радио или телевизија.
-Физичка активност дава извесно олеснување. Се препорачува пешачење, трчање, возење точак, пливање и други аеробни активности кои ја подобруваат циркулацијата во главата и вратот.