Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Обезност е абнормална или екцесивна акумулација на масти што може да го загрози здравјето и се базира на индексот на телесна маса (Body Mass Index, BMI, зголемена тежина е BMI од 25-29.9, обезност е BMI над 30). Обезноста го зголемува ризикот од развој на многу здравствени проблеми вклучувајќи дијабетес, кардиоваскуларни болести, зголемен крвен притисок (хипертензија), бубрежни болести.
Обезноста го зголемува ризикот за главните ризик фактори за Хронична бубрежна болест (ХББ) – дијабетес тип 2 и висок крвен притисок. Бубрезите треба да работат повеќе, да филтрираат над нормалната граница (хиперфилтрација) за да се задоволат метаболните потреби на зголемениот индекс на телесна маса кај обезните лица. Гледано долготрајно ова го зголемува ризикот за развој на хронична бубрежна болест.
Обезноста води до бубрежна болест индиректно, преку развој на дијабетес тип 2, хипертензија и срцеви болести и директно, преку директно бубрежно оштетување поради зголемено оптеретување со работа на бубрезите и други механизми.
Таа е важна причина за бубрежни болести и ризик фактор за развој на хронична бубрежна болест.
Обезноста е асоцирана со хемодинамски, структурни и хистолошки промени во бубрезите како и метаболни и биохемиски промени кои водат до бубрежна болест.
Масното ткиво е динамично и вовлечено во продукција на “адипокини” како лептин, адипонектин тумор некрозис фактор алфа, ангиотензин II, трансформинг фактор бета. Серија од настани се поттикнати од обезноста, вклучувајќи и инсулинска резистенција, интолеранција на глукоза, дислипидемија, атеросклероза и хипертензија.
Обезноста сама по себе може да води до развој на бубрежна болест.
Обезнста е ризик фактор за бубрежна болест но и е асоцирана со прогресија на болеста кај пациенти кои веќе имаат бубрежна болест.
Лицата со Метаболен синдром (збир од фактори кои го зголемуваат ризикот за срцева болест и дијабетес тип 2ː централен тип на дебелина, покачен крвен притисок, покачен шеќер во крвта на гладно, покачени триглицериди, намален HDL) исто така се со поголем ризик за развој на бубрежна болест отколку лица кои немаат метаболен синдром.
Пациенти кои веќе имаат бубрежна болест и ако имаат метаболен синдром се со поголем ризик за прогресија во краен стадиум на бубрежна болест.
Одржување здрава телесна тежина го намалува ризикот. Ако се знае дека се има бубрежна болест многу е важна консултација со доктор пред да се запoчне со било каков програм за губиток на тежината. Некои популарни диети кои се со висок внес на протеини (белковни) и сиромашни со јаглехидрати може да се штетни за лицата со бубрежни болести.