Зоран Михајлов
– Тој е првиот селектор што ја одведе репрезентацијата на најмногубројната земја во светот на Светско првенство.
-Водеше уште четири репрезентации на СП,што е своевиден рекорд.
-Најблизок негов човек во Кина му беше голманот од прволигашките денови на Тетекс, за жал починатиот Душан Томиќ, кој повеќе од 15 години успешно работеше како тренер и беше рекордер од странците со повеќе од 450 натпревари на клупата на прволигашките екипи
По Олимпијадата во Пекинг(2008 година), патот повторно ме одведе во кинеската метропола, овој пат на Светското првенство во атлетика. Овде пак, за моја радост, повторно средба со старите пријатели. Едната може да се каже беше планирана, но втората наполно неочекувана.Планирана беше средбата со Душан Томиќ, кој за жал во 2017 година почина.Тој беше поранешен голман на Тетекс од прволигашките денови на популарниот клуб во 80-сеттите години.Томиќ замина во Кина на почетокот од овој век, како тренер на голманите во стручниот тим на трофејниот тренер Љупко Петровиќ, освојувач на европската титула со Црвена звезда во 1991 година. Инаку,покојниот Душан Томиќ останува рекордер меѓу странските тренери во Кина по бројот на натпреварите –повеќе од 450 на кои седел на тренерската клупа.
Втората средба, која беше посакувана, но не беше планирана, беше со една од најголемите светски тренерски легенди на денешницата, поранешен фудбалер на Партизан, најмладиот од братската фудбалска тројка Милутиновиќ – Бора. Тој во моментите на атлетското првенство беше во Хо Ши Мин во Виетнам, за реализација на програмата на Федерацијата на Катар каде што последниве години беше ангажиран да ги открива фудбалски таленти низ Азија. Инаку, тој беше еден од главните, заедно со Зидан и другите фудбалски звезди, во кампањата Катар да го добие Светското фудбалско првенство во 2022 година. Откако Бора дозна дека сум во Пекинг, заедно со неговиот стар пријател Томиќ, и тој долета во престолнината на Кина. По срдечното поздравување во шега му реков: “Бора авиониве низ Азија за тебе се како такси, леташ каде сакаш и кога сакаш“. Се насмеа и ми одговори : “Зарем се испушта ваква средба, потоа додаде – знаеш кога те гледам се враќам години наназад уште како фудбалер кога гостував со Партизан во Скопје. Ах,какво време беше тоа?“
Со пет репрезентации на пет Светски првенства!
За време Олимпијада во Пекинг имав можност да се уверам колку е Бора популарен во Кина. Едноставно не можеше да побегне од луѓето, секој од нив сакаше да се слика со него, да добие автограм, да се поздрави со првиот селектор што ја одведе нивната земја во завршницата на едно Светско првенство – 2002 во Јапонија и Јужна Кореа. Едноставно, добив впечаток дека Бора, кого Кинезите го нарекуваа Мило, беше најомилената фудбалска личност во најмногубројната земја во светот. Како да посакуваа тој повторно да се врати на кормилото на националниот тим.Тоа чувство го имав и сега седум години по олимписката 2008 година. Онаму каде што е Бора, таму е главното случување – дали е тоа на улица или пак во еден од италијанските ресторани во сопственост на госпоѓата О Ли, со која имав чест да се запознам кога Бора организираше ручек-за нас, пријателите во најексклузивниот ресторан во Пекинг. И таму, за него беше резервирана најубавата сала, а над главата на секој – бевме десетина, меѓу кои и најпопуларната кинеска спортска новинарка со уште двајца колеги ,имаше по еден келнер. За нив дознав од Душан Томиќ, кој исто такапокрај Бора беше нивна цел и сакаа да дознаат нешто повеќе за неговите планови. Кога разбраа кој сум ме прашуваа за Македонија, за фудбалот кај нас , дури ме прашаа како би било кога Бора Милутиновиќ би дошол за селектор на нашата репрезентација.Им реков дека е тоа неостварливо, зашто неговата цена е поголема од сите финансии што ги има Федерацијата на нашата земја, а и Бора не е заинтересиран зашто за истата работа го потпрашав и за време Олимпијадата.Тогаш само се насмеа и ми рече: “Зоки јас за неполни три олимписки недели,пишувајќи фудбалски коментари за агенцијата Хсинхуа добивам 250.000 долари(!),покрај тоа со совети им помагам на Катарците“…Така почна соработката меѓу Бора и Федерацијата на Катар, и практично оттогаш тој беше вклучен во целокупната агитациона машинерија оваа земја да го добие СП во фудбал -2022.
“И сега сум една од главните алки за организација на првенството„ вели Милутиновиќ. Но, не можам без работа на терен, па и покрај инсистирањето да бидам на раководно место во катарската репрезентација, јас повеќе сакав да реализирам една програма за откривање таленти ширум светот, посебно на Азискиот континент. Тоа веднаш беше прифатено и акцијата е во тек. Катарците се паметни : добро знаат дека сето ова што го работам е во рамките на популаризацијата на нивната земја и промоцијата на Светското првенство. Верувајте просто сум растргнат, нема земја што не бара да ја посетам и таму да реализирам дел од програмата.Тоа е навистина нешто неверојатно,фантастично. Еве сега повторно работам во Кина и сум одговорен за сите слекции до 21 година.
Има нешто, има некоја харизматичност кај Бора. Знае да ги анимира луѓето, а си ја знае и работата. Како инаку би се објаснил фактот што во својата тренерска кариера бил селектор на пет репрезентации, кои учествувале на Светските првенства – Костарика, Мексико, САД, Јамајка и Кина. Замислете само колку почитувачи има во сите тие земји. Ете затоа големината на Бора Милутиновиќ е немерлива.Тој е на самиот врв на светската фудбалска пирамида,но очигледно без Кина не може и сега повторно е во фудбалската Федерација на оваа земја,задолжен за работата со сите млади селекции.