Под мотото „Да се предадеме! На музика, забава и смеење – Откако се одадовме на лажење, крадење и неверства“, синоќа во ВИП Арената „Борис Трајковски“ се одржа 22-то издание на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“.
Посебни овации од публиката доби Влатко Стефановски со изведбата на македонската песна „Учи ме мајко“ заедно со хоровите на Ансамблот за народни песни и ора „Танец“ и на Културно уметничкото друштво „Мирче Ацев“. Стефановски од сцената им се заблагодари на неговата сопруга Гордана, и на неговиот брат, драматургот Горан Стефановски, кои починаа во период од една година.
Специјална награда му беше врачена на 12-годишниот Марко Пејчиновски кој и покрај здравствените проблеми, лани на празникот Голема Богородица го преплива Охридското езеро. Григор Копров доби награда за животно дело, која му ја врачи Владо Јаневски . Дритон Вејсели кој се прослави по улогата во „Преспав“ беше избран за најдобар млад актер. За особени достигнувања во спортот беше награден Перо Антиќ кој на сцената се појави со синот.
И оваа година домаќина на “Златната бубамара на популарноста“ беше Сашко Коцев.
(Фото: Фејсбук “Златна Бубамара“)