Ова е царството за „кафеџиите“: шарена деветкатница со кафулиња на секој спрат!

by Тони Зографски

Преполна со кул места за дружење, запознавање, излегувања на состанок или работа, полна со карактер деветкатна станбена зграда во Виетнам, во центарот на Сајгон (Хо Ши Мин), е вистинска вертикална кутија со изненадувања

Токму на ова место постои зграда полна со кафулиња, каде секој стан е кафуле. Полна е со независни кафулиња, модни бутици, барови, coworking-простории и интернационални ресторани.

Позната како „Cafe Apartment“, зградата функционира како библиотека од стилски места. Интересно е што посетителите можат да го разгледуваат секој спарт, да го проверат уредувањето на секој локал, па дури потоа да одлучат каде ќе се задржат.

Таму буквално можете да го поминете цел ден истражувајќи ја оваа „кафе-зграда“ шетајќи од спрат на спрат, по свитканите камени скали, низ плочестите ходници и навлегувајќи во кој било локал што ќе ви го привлече вниманието.

Фотогенична, тренди и полна со младата енергија на градот, оваа стара сајгонска зграда доживува нов живот. Но, објектот – кој сам по себе е атракција – се наоѓа на исклучително вредна локација и веќе неколкупати бил под закана од уривање.

Изградена во средината на 20 век, низ својата историја била дом на владини службеници, американски воени советници, морнарски офицери и работници од бродоградилиште.

Секој кат, освен приземјето, има две крила. Повеќето локали во јужното крило, со поглед кон улицата, располагаат со балкони од кои се отвора прекрасен поглед кон градот.

Зградата има две скалила: централно скалило за јавна употреба и задно скалило наменето само за станарите. Во близина на јавните скали има и лифт (3.000 донги по лице) што сообраќа до сите катови, но е прилично бавен.

(Некои кафулиња ја враќаат сумата за лифтот кога ќе ја платите сметката – само покажете го билетот.)

Работното време варира, но повеќето локали работат во текот на целиот ден, додека некои, како баровите, функционираат само навечер.

останати вести