ПО СМРТТА НА ДАЈАНА, ЧАРЛС НАВОДНО РЕКОЛ: „БРЗО ЌЕ ЈА ЗАБОРАВИМЕ“: Братот на принцезата го откри разговорот во новите мемоари

by Тони Зографски

Само неколку дена по смртта на принцезата Дајана, тогашниот принц Чарлс наводно му кажал на нејзиниот брат Чарлс Спенсер: „Биди сигурен, наскоро ќе ја заборавиме“. Тврдењето е содржано во новите мемоари на Спенсер, „Swan Song: Diana, My Sister“, чии делови беа објавени пред официјалното објавување на книгата.

Според неговата верзија, изјавата била кажана за време на жесток телефонски разговор околу погребот на Дајана и одлуката нејзините синови, принцовите Вилијам и Хари, да одат зад нејзиниот ковчег во погребната поворка. Во тоа време Вилијам имал 15 години, а Хари само 12.

Спенсер во книгата пишува дека бил против момчињата да мора да ја следат поворката, бидејќи сметал дека тоа би било премногу тешко за нив и дека Дајана не би сакала нејзините синови да поминат низ такво искуство. Тогашниот принц Чарлс, според неговото сведоштво, реагирал луто, а разговорот прераснал во расправија.

Токму во тој контекст, Спенсер тврди дека Чарлс ја кажал спорната реченица за Дајана. Братот на принцезата, како што пренесуваат странските медиуми, го протолкувал тоа како откривање на негативните чувства на Чарлс кон неговата поранешна сопруга и неговата непријатност поради огромното внимание што јавноста ѝ го посветува по смртта.

На тврдењата реагираше и Бакингемската палата, што е невообичаено со оглед на тоа што кралското семејство вообичаено не коментира содржина од книги. Од палатата не потврдија или демантираа дека разговорот се случил, туку порачаа дека болката по загубата на близок може да влијае врз расудувањето, проценката и сеќавањето, дури и многу години подоцна.

Спенсер е помладиот брат на Дајана, која загина на 31 август 1997 година во сообраќајна несреќа во Париз. Таа имаше 36 години. Новите мемоари треба официјално да бидат објавени на 22 септември, а веќе објавените извадоци повторно го отворија прашањето за односот меѓу Дајана и тогашниот принц Чарлс.

останати вести