„Иако 15 години живеам во Охрид, се обидоа да ме измамат“: Илина Арсова сурово искрена за туризмот во Охрид

by Тони Зографски

Македонската алпинистка, планинарка и уметница Илина Арсова упати јасна порака до надлежните за состојбите со туризмот и туристичката инфраструктура во Охрид, посочувајќи низа проблеми со кои, како што вели, се соочуваат домашните и странските посетители.

Арсова, која 15 години живее во Охрид, во објава на социјалните мрежи сподели дел од своите искуства откако, како што вели, деновиве и самата била во улога на туристка во градот. Таа се осврна на јавниот превоз, угостителските услуги, инфраструктурата, но и на состојбата со бесправната градба.

„Деновиве бев туристка во Охрид па се запознав со искуствата на домашните и странски посетители во однос на јавен превоз, угостителски услуги и инфраструктура. 

“Иако 15 години живеам во Охрид, возачите на Димакс неколкупати се обидоа да ме измамат за цената на билетот.

Катамарани и моторни чамци под името Премиер и сл. дрско ми се закануваа додека пливав, иако бев на само 100 метри од брег каде ним не им е дозволено да возат.

Патот до Св Наум, е субстандарно обновен со очигледни пропусти ризични за велосипеди и пешаци.

Добив значително зголемен број на поплаки од реномирани ресторани кои биле дрски со дотогаш нивни редовни клиенти. 

И секако зголемен број на бесправни градби и доградби, не само што се спротивни од препораките на УНЕСКО туку и се сериозна закана за безбедноста на населението“.

Охрид несомнено има огромен туристички потенцијал. Езерото, Стариот град, црквите и манастирите, природата, културното наследство и специфичната атмосфера се нешта кои не можат лесно да се реплицираат на друго место“, напиша Арсова на Инстаграм.

Но, токму поради тоа, смета Арсова, потребно е повеќе внимание да се посвети на начинот на кој тој потенцијал се користи.

Нејзината порака до надлежните може да се сфати и како повик за посериозен пристап кон туризмот – не само во екот на сезоната, туку во текот на целата година. Од подобра инфраструктура и организиран транспорт, преку поквалитетни услуги, до поголема грижа за просторот и природното и културното наследство.

останати вести