Микробиологот Никола Пановски преку објава на социјалните мрежи реагираше на изјавата на министерот за здравство Сашо Клековски, кој ги повика лекарите што не се епидемиолози и инфектолози да не даваат совети за состојбата со водата во Гостивар.
Пановски јавно побара министерот да ги извести медиумите повеќе да не го бараат за изјави и коментари, оценувајќи дека јавноста отсега треба да ја информираат исклучиво епидемиолози и инфектолози.
„Јавно го замолувам министерот за здравство да ги предупреди медиумите да не ме бараат повеќе за совети и изјави. По моите настапи, одат кратки видеа, па лајкови итн. Лајковите не зависат од мене, туку од медиумите До сега изјави сум дал за Телма, Сител, Канал 5, МТВ, Алсат, Македонско радио, интервју за 24 вести, Слободен печат и многу други, на многу сум се извинил заради физичко отсуство. ТВ Алфа не треба да ја известувате, тие си ја знаат работата. Од денес нека си бараат исклучиво епидемиолози и инфектолози. Многу би ви бил благодарен, зошто навистина ми е тешко да ги одбијам, а тие инсистираат“, објави Пановски.
Во објавата посочува и дека дел од неговите препораки биле прифатени, но со задоцнување.
Министерот за здравство, завчера во одговор на новинарско прашање како ќе се справат со новата здравствена криза во Гостивар бидејќи по завршување на оваа се очекува и појава на сезонски стомачни вируси, рече дека граѓаните треба да ги следат службените упaтства и официјалните канали за комуникација за заштита на нивното здравје.
-Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата, бидејќи има доктори кои не се епидемиолози и инфектолози и даваат различни мислења. Знам дека вакви состојби се популарни за собирање лајкови, но би замолил граѓаните да ги следат службените упатства и официјалните канали, рече Клековски.
