Љубителите на омилениот црн напиток конечно можат да здивнат, бидејќи научниците во најновото истражување тврдат дека секојдневното консумирање кафе навистина е значително помалку штетно за здравјето отколку што досега се веруваше.
Најновите докази од една од најголемите светски организации за кардиоваскуларно здравје го доведуваат во прашање широко распространетото мислење дека пиењето кафе е штетно за здравјето.
По анализа на обемни научни истражувања, американските научници заклучиле дека умерениот внес на кофеин генерално е безбеден за повеќето возрасни лица и дека кафето може да има и поволно влијание врз здравјето на срцето и крвните садови, доколку се консумира без додаден шеќер и други засладени додатоци.
Новиот научен извештај на „American Heart Association“ (AHA) ги анализирал постојните истражувања за влијанието на кофеинот врз крвниот притисок, холестеролот, метаболичките заболувања и различни кардиоваскуларни болести.
Резултатите се објавени во научното списание „Circulation“.
До 400 милиграми кофеин дневно, односно пет шолји кафе
„Кофеинот што се внесува преку кафето е важен дел од секојдневниот живот на милиони луѓе“, изјави во соопштението на „American Heart Association“ Грегори Маркус, кардиолог од Универзитетот во Калифорнија во Сан Франциско и претседател на работната група на „AHA“ која го изработила научниот извештај.
„Во нашиот преглед на најновите истражувања утврдивме дека за повеќето возрасни лица внесот до 400 милиграми кофеин дневно, што одговара на до пет шолји кафе со кофеин дневно, без додаден шеќер или други додатоци, е безбеден и не го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања“, додаде Маркус, притоа јасно дефинирајќи што претставува умерена дневна консумација на кафе.
Кафето е поврзано и со помал ризик од дијабетес
Редовната консумација на кафе постојано била поврзувана со помал ризик од развој на дијабетес тип 2.
Одделни истражувања покажале 27 проценти помал ризик кај жените кои пиеле најмалку три шолји дневно, како и 30 проценти помал ризик кај лицата кои консумирале пет шолји кафе дневно.
Метаанализите исто така ја поврзале консумацијата на кафе со помал ризик од коронарна срцева болест и мозочен удар.
