Иако цените се нешто повисоки во однос на претходните години, одморот во Неум и понатаму е значително поевтин отколку во многу други летувалишта. Според моментално достапните понуди на платформите за резервација на сместување, апартманите за две лица во текот на главната сезона најчесто чинат меѓу 100 и 140 конвертибилни марки за едно ноќевање, односно околу 50 до 70 евра.

Во поповолните варијанти може да се најде сместување и за 70 до 90 конвертибилни марки, додека апартманите на самото крајбрежје или со поглед кон морето достигнуваат цена од 300 конвертибилни марки, односно околу 153 евра, па и повеќе за едно ноќевање, пишува „Sarajevo.ba“.
Кога станува збор за угостителската понуда, Неум и понатаму е едно од поповолните места на Јадранот. Во повеќето кафулиња кафе може да се испие за 2 до 5 конвертибилни марки, односно околу 1 до 2,5 евра, додека цената на пицата главно се движи меѓу 12 и 20 конвертибилни марки, односно од 6 до 10 евра.

Порција ќебапи чини од 10 до 16 конвертибилни марки, односно околу 5 до 8 евра, а рибните специјалитети и јадењата од морски плодови најчесто чинат меѓу 20 и 50 конвертибилни марки, во зависност од ресторанот и видот на оброкот.
Вечера за две лица со пијалак во просечен ресторан главно чини меѓу 40 и 80 конвертибилни марки, односно околу 20 до 40 евра.

Цените на основните прехранбени производи во маркетите главно се слични со оние во остатокот од Босна и Херцеговина, па оние кои планираат сами да готват можат да поминат и уште поевтино.
Дополнителен трошок за туристите што доаѓаат во Неум со автомобил е паркингот. Дневната карта обично чини од 10 до 14 конвертибилни марки, односно околу 5 до 7 евра, додека голем број хотели и апартмани им нудат на гостите бесплатен паркинг во рамките на сместувањето, што може да претставува значителна заштеда за време на повеќедневниот одмор.

Кога ќе се соберат трошоците за сместување, храна и пијалаци, две лица во екот на сезоната за еден ден во Неум треба да издвојат меѓу 160 и 280 конвертибилни марки, односно од 80 до 145 евра.
За седумдневен одмор потребно е да се планира буџет од приближно 1.120 до 1.960 конвертибилни марки, односно околу 580 до 1.000 евра, во зависност од изборот на сместување и потрошувачките навики, пренесе „Večernji list“.
