Актерот Владо Јовановски: За малку ќе играв главна улога, ама изгледа пак ќе се посветам на земјоделие

by Тони Зографски

Актерот Владо Јовановски објави дека по долгогодишна пауза бил на чекор повторно да заигра во долгометражен игран филм, но проектот пропаднал поради недостиг на финансиски средства. Во објава на Фејсбук, тој откри дека требало да ја толкува главната улога во филмот.

„После долги години апстиненција, за малку ќе заиграв на филм. Што би се рекло, за т’нко влакно. Да не му се верува на човек, требаше да одиграм главна улога во долгометражен игран филм. Но, тоа е тоа. ‘Требаше’ е минато свршено време“, пишува Јовановски во објавата.

Како што вели, бил на чекор до улогата, но на продукцијата ѝ недостигале уште 650.000 евра за реализација на проектот.

„Предложив да се откажеме од хонорарите. Пак не бива. Тие се толку бедни, што зафаќаат многу мала ставка во буџетот на филмот“, додава актерот.

Јовановски посочи дека најверојатно пак ќе се посвети на земјоделие, бидејќи, како што напиша, барем во земјоделието си на чисто.

„Што ќе посееш, тоа ќе жнееш! До душа зависиш од временските прилики или неприлики, ама тоа е почесно, оти под Бога сме. А во филмот што? Сеев жито, а жнеам трње! За едни, климата секогаш е благопријатна, а за други, секогаш е невреме, со град и грмотевици, со поројни дождови и олуи“, го сумира своето разочарување актерот.

Сепак, Јовановски посочи дека не станува збор за голема желба повторно да снима, туку за желба да провери дали по толку години сè уште го владее актерскиот занает.

„Сакав да проверам, дали сум го заборавил тој занает или е како со вештината на возење точак“, напиша Јовановски во својата Фејсбук објава.

останати вести