Волк чуван како домашно милениче пронајден во Скопје

by Тони Зографски

Волк кој, според првичните информации, незаконски бил чуван како домашно милениче, синоќа бил заловен во една скопска населба, објави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Георгиевски.

Како што наведе тој во објава на социјалните мрежи, животното било пронајдено со ремче и ланец, по што веднаш биле известени надлежните институции.

„Не можам да поверувам дека постојат толку несовесни поединци кои на ваков начин третираат диви животни, а притоа ја загрозуваат безбедноста на своите сограѓани. Ова не е само неодговорност, туку сериозна опасност за целата околина“, напиша Георгиевски.

Според него, волкот моментално е згрижен од службите на Скопската зоолошка градина, а од институциите очекува целосно да го расчистат случајот и да ги преземат сите неопходни мерки.

„Во Скопје мора да има ред. Мора да изградиме похумано, побезбедно и одговорно општество во кое законите важат за сите, а животните се третираат со грижа, а не како предмет за нечие иживување“, порача градоначалникот.

Објавата предизвика бројни реакции и коментари на социјалните мрежи, а дел од граѓаните со неверување коментираа дека некој воопшто чувал волк како домашно животно.

останати вести