Гостите огорчени: Познатото одморалиште го преплавиле нудисти кои имаат интимни односи на плажа

by Тони Зографски

Некогаш славната нудистичка оаза на југот на Франција, Кап д’Агд е преплавена со свингери од целиот свет кои не се срамат да се впуштаат во интимни односи на плажите, тврдат долгогодишни посетители на ова летувалиште. Местото кое со децении важело за едно од најголемите натуристички одморалишта во светот, сега се бори со нов вид туристи.

Кап д’Агд, наречен и „голиот град“, долго време беше познат по опуштената атмосфера, каде што посетителите можеа голи да шетаат низ градот, да посетуваат ресторани и да уживаат на плажите. Меѓутоа, таа слика во последните години драстично се променила. Одморалиштето сега е преплавено со туристи мотивирани исклучиво од секс, кои, според тврдењата на постарите гости, се познати по јавни сексуални активности, особено на плажата, пренесе „NY Post“.

Оваа промена создала јасен јаз меѓу двете групи посетители. Од една страна се традиционалните натуристи, кои со децении доаѓале тука поради чувството на слобода и поврзаност со природата, а од друга страна е новата генерација таканаречени „лајфстајл“ посетители, односно свингери. Барбара, Британка која со сопругот секоја година го посетувала Кап д’Агд, за „New York Post“ го споделила своето искуство.

„Тоа го направи местото многу поексклузивно, создавајќи јасна поделба меѓу првичната натуристичка публика и новата генерација ’лајфстајл‘ посетители. Откако првпат почнавме да доаѓаме во населбата пред околу триесет години, клиентелата масовно се промени“, рекла таа.

Барбара додала дека сега одморалиштето го посетува исклучиво во лето, но дури и тогаш одбива да стапне на плажата, некогашното срце на натуристичкиот живот.

Неуспешни обиди за регулација

Иако локалните власти поставиле знаци кои изрично предупредуваат на забраната за „сексуален егзибиционизам“ и пропишале високи парични казни за прекршителите, се чини дека тоа не ја одвраќа новата клиентела. Постарите гости тврдат дека правилата ретко се спроведуваат или дека свингерите едноставно ги игнорираат. Отворени сексуални сцени сега се случуваат сред бел ден на главната плажа, пред очите на сите посетители, вклучително и семејства. Тие се згрозени.

Барбара истакнала дека единствена сигурност чувствува во текот на летните месеци, кога е засилено присуството на службени лица.

„И обезбедувањето и спасувачите и полицијата се наоѓаат во кулата во текот на летните месеци, цел ден“, рекла таа.

Во екот на шпицот на сезоната, Кап д’Агд, сместен на околу еден час возење од Монпелје, привлекува и до 40.000 посетители дневно. Толку огромен број луѓе дополнително ја отежнува контролата и одржувањето на редот што некогаш го краселе ова уникатно место.

Проблемот со кој се соочува Кап д’Агд не е единствен. Слични предизвици, каде што се судираат слободите на натуризмот и неприфатливото однесување, се појавуваат и на други популарни дестинации. На пример, познатата нудистичка плажа Ес Каваљет на Ибица се најде на насловните страници уште во 2019 година поради туристи чии сексуални активности ги уништувале заштитените песочни дини.

Плажата се наоѓа во рамките на Природниот парк Сес Салинес, област со исклучителна биолошка разновидност, која е дом на стотици растителни и животински видови. Биолозите тогаш предупредувале дека постојаното газење и другите човечки активности, вклучувајќи и сексуални односи во дините, доведуваат до ерозија и уништување на чувствителниот екосистем.

Како одговор, властите на Ибица вовеле построги мерки за заштита на животната средина, го регулирале пристапот со возила и строго го забраниле влегувањето во подрачјето на дините. Иако не се споменуваат експлицитни забрани поврзани со сексуални активности, акцентот е ставен на одржливиот туризам и едукацијата на посетителите за важноста на зачувувањето на природата.

останати вести