Фереро за првпат по 60 години лансира нова „Нутела“

by Тони Зографски

Нутела за првпат по повеќе од 60 години претстави целосно нов вкус на својот култен намаз. По повеќемесечни шпекулации, компанијата Фереро Северна Америка официјално го потврди доаѓањето на „Нутела“ со кикиритки, која го спојува препознатливиот вкус на лешник со печени кикиритки.

Новата верзија не го заменува оригиналот, туку го надградува, пишуваат американските медиуми.

„Ги послушавме обожавателите“

Иако обожавателите со години сами комбинираа „Нутела“ со путер од кикиритки, новиот намаз сега ги спојува тие два вкуса во една тегла. Наместо да ги замени лешниците, „Нутела“ со кикиритки ја надградува класичната рецептура со додавање вкус на печени кикиритки и брашно од кикиритки врз препознатливата база од какао и лешници. Резултатот е кремаст и лесно размачкувачки растителен намаз, идеален за попладневни закуски, сендвичи и како сос.

„Искрено, кога тегла Нутела ќе стане вирален хит додека лебди во вселената, почнувате да мислите дека сè е можно“, изјавил Ноа Шпорн, виш потпретседател за намази во компанијата Фереро Северна Америка. „Затоа нашиот следен логичен чекор како бренд беше да ја лансираме првата нова варијанта на вкус по повеќе од 60 години. Нашите обожаватели го бараат тоа со години. Ги послушавме и попладневната ужина повеќе никогаш нема да биде иста“, додал тој.

Промоција во Њујорк и достапност

За да го прослави лансирањето, „Нутела“ организира посебен промотивен настан во Њујорк. Интерактивниот поп-ап, отворен за јавноста, ќе се одржи на 16 и 17 мај во населбата „NoHo“, на адреса „372 Lafayette Street“. Посетителите ќе можат да учествуваат во игри, да освојат ексклузивни персонализирани сувенири и да добијат бесплатни сендвичи со новата „Нутела“.

Новиот намаз се произведува во неодамна отворениот погон на Фереро во Френклин Парк, Илиноис. Теглите од 13 унци моментално се дистрибуираат во големите трговски синџири низ САД, достапни се и за онлајн нарачка преку Амазон, а веруваме дека наскоро ќе пристигне и во Европа.

останати вести