Селин Дион најави големо враќање на сцената со 10 концерти во Париз (ФОТО)

by Тони Зографски

 Селин Дион ги воодушеви обожавателите со најавата за своето враќање на сцената, и покрај исцрпувачката борба со синдром на вкочанета личност.

Поп-иконата, која наполни 58 години, преку Инстаграм откри дека во септември и октомври ќе одржи десетдневна концертна резиденција во арената Ла Дефанс Арена во Париз, која има капацитет од околу 40.000 посетители.

Веста ја објави токму на својот роденден, нарекувајќи го враќањето „најдобриот подарок во животот“.

Во видеопорака до фановите, Дион порача: „Толку сум подготвена за ова. Се чувствувам добро, силна сум и возбудена, секако и малку нервозна“.

Таа додаде дека напредокот е видлив и дека повторно се враќа на она што најмногу го сака.

„Одлично сум, се грижам за своето здравје, се чувствувам добро. Повторно пеам, па дури и малку танцувам“, изјави пејачката.

Фото: Инстаграм/Селин Дион

Дион упати и емотивна порака до своите обожаватели, заблагодарувајќи се за поддршката во изминатиот тежок период.

„Морам да ви кажам нешто многу важно: во текот на последните неколку години, секој ден ја чувствував вашата поддршка, вашите молитви, добрината и љубовта. Ви благодарам на сите. Едвај чекам повторно да ве видам“, порача таа.

Фото: Инстаграм/Селин Дион

Синдромот на вкочанета личност е ретко невролошко нарушување кое предизвикува вкочанетост на мускулите и болни грчеви, кои со текот на времето можат да се влошат.
Дион претходно отворено зборуваше за тоа како болеста влијаела врз нејзиниот препознатлив глас.

Пејачката на хитот „My Heart Will Go On“ првпат откри дека боледува од овој синдром во 2022 година, кога беше приморана да го откаже остатокот од својата турнеја.

„За жал, овие грчеви влијаат на секој аспект од мојот секојдневен живот. Понекогаш ми го отежнуваат одењето и не ми дозволуваат да ги користам гласните жици за пеење на начин на кој сум навикната“, изјави тогаш Дион.

останати вести