Има 7 години и веќе ги посетил сите континенти: Најмладиот патник во светот го добил својот прв печат во пасошот на 2 месеци

by Тони Зографски

Додека многу седумгодишни деца ги совладуваат своите први букви и броеви, Вајлдер Мекгроу веќе ги посетил сите седум континенти – вклучувајќи го и Антарктикот. Неговите родители велат дека тоа не била нивна намера или цел што си ја поставиле, туку едноставно нивниот живот се развил на тој начин.

„Не почнавме со намера да одгледаме дете кое ќе види седум континенти до седумгодишна возраст“, ​​рече 39-годишната Џорди Липе-Мекгроу, мајка на момчето и патеписец. „Патувавме само затоа што тоа сме ние и тоа го сакаме“.

„Моментот на вистината“ дојде кога Вајлдер имаше пет години. Додека Џорди и нејзиниот сопруг Рос ги броеја местата што ги посетиле со својот син пред нивното патување во Јужна Америка, сфатија дека тој веќе посетил пет континенти.„Мојот сопруг се загледа во списокот и рече: „Па… можеме да го завршиме.““

Роден да талка

Пасошот на Вајлдер го доби својот прв печат многу рано. Тој имаше само осум недели кога семејството отпатува за Португалија во август 2018 година. Карипските острови, Канада и Мексико следеа пред неговиот втор роденден, кога пандемијата го стави нивното патување низ светот на чекање. Кога светот повторно се „отвори“, ова семејство се врати на она што најмногу го сака, патувањата.

Така, малиот го искуси Невис, мал остров во Карипското Море, на само тригодишна возраст, неколку други карипски острови, Костарика, Дубаи и сафари во Замбија на четиригодишна возраст. Следна беше Европа – Франција, Швајцарија, Шкотска, Ирска и Италија – плус Галапагос, сите пред да наполни пет години. Минатото лето прашањето беше „запечатено“: Амстердам, Сингапур, Австралија и Нов Зеланд го исполнија континентот број шест, а во ноември Антарктикот стана последна граница.

За Липе-Мегро, поранешна новинарка на Њујорк пост, леденото патување беше длабоко лично. Антарктикот беше нејзиниот седми континент – таа го посети кога беше во петтиот месеци од бременоста со Вајлдер. Враќањето со него седум години подоцна за неа беше „како затворање на круг за кој не бевме ни свесни“.

Патување низ тага

Патувањето не е само авантура за Џорди, тоа е нејзин начин на преживување. Таа се соочи со загуба кога нејзиниот татко, доктор и пилот, загина во авионска несреќа во 2010 година. Некое време беше парализирана од стравот за летање. Можеше да продолжи да се повлекува во себе; сепак, одлучи да направи нешто друго.

„Наместо да ја затворам вратата кон светот, открив дека движењето е она што ми помогна повторно да се чувствувам жива“, рече таа.

Загубата ги изостри нејзините приоритети. Таа сакаше нејзиниот син да порасне љубопитен, а не претпазлив; самоуверен, не ограничен. „Сакав тој да го гледа светот како место каде што може да се движи, а не како страшно место.“

останати вести

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com