Британскиот музичар Елтон Џон неодамна откри дека, иако го изгубил видот на десното око, не ја губи вербата во напредокот на медицината. Во интервју за магазинот „Верајети“ 78-годишниот уметник зборуваше за својата кариера и секојдневие и за тоа што во 2024 година целосно ослепе на едното око.
Како што раскажа, последните 15 месеци биле исклучително тешки:
„Беше поразувачки. Откако на десното око останав без вид, а и левото не е во добра состојба, не можев да гледам ништо, да читам или јасно да видам.“
За време на летниот одмор во Франција истата година, Џон добил инфекција која ги зафатила и двете очи. Но и покрај сериозните тегоби, тој се обидува да остане оптимист.

„Имав неверојатен живот и има надеж. Морам да бидам трпелив и да верувам дека еден ден науката ќе ми помогне. Не смееме да се предаваме, треба да бидеме силни, стоички, и постојано да бараме начин да ги подобриме работите“, изјави тој.
Тој се заблагодари што и понатаму може да пее, да свири и да се потпре на поддршка од сопругот Дејвид Ферниш, нивните синови Закари (14) и Елајџ (12), како и блиските пријатели.
„Понекогаш целиот овој товар ме обесхрабрува, но на крајот – имам прекрасна фамилија, одлични деца и него,“ додаде мислејќи на сопругот.
Во април веќе зборуваше дека губењето на видот во голема мера му го отежнало родителството:
„Не можам да читам. Не можам јасно да ги видам моите момчиња кога играат рагби или фудбал, а тоа ми беше многу тешко бидејќи бев навикнат сè да впивам. Ме вознемирува и емотивно ме исцрпува, но човек мора да се научи да живее со тоа. Среќен сум што го имам овој живот, моето семејство и барем малку вид“, рече тогаш.
